За да стасаш некаде, прво треба да кинисаш

Омилена „дисциплина“ на странските проекти за македонија се мерењата. Тие им се потребни за да покажат степен на напредок или назадување на некоја институција, општина, министерство или степен на развој и движење на некоја тенденција во државата како отчетност и транспарентност,  корупција и перцепција на корупција, законитост во работата, исполнување не некои зададени критериуми и сл. Тие мерења се (најчесто) формални, макар што генералните оценки за тенденциите се точни (на пр. пораст на корупцијата, намалено учество на граѓаните и сл).

Постојат многу начини за мерење на напредокот на општините во различни „дисциплини“. На пример, постои и мерење на интегритетот на општините и антикорупциските активности, што е показател на исполнетост на условите, кои ги задал проектот. Тие „услови“ не се некој којзнае каков показател за сегашната состојба во некоја област (на пример корупцијата), но претставуваат формална рамка за подобрување на свесноста, јавното внимание и посветеноста на некој проблем. На пример, сите ние знаеме дека имаме ендемска корупција, дека имаме сосема добри закони за намалување на таа корупција, имаме задолжени и надлежни служби, имаме тела за мониторинг на законитост – која е поврзана со можната корупција (на пример Државниот завод за ревизија и Државната комисија за спречување на корупцијата), но ништо од тоа. Иако е ДЗР престручна и „ги фаќа“ контролираните институции како глувци, последици нема, односно обвинителството сѝ молчи за секој нивни наод. Ниту ДКСК нема успех во процесирањето и прифаќањето на пријавите од страна на надлежните органи за прогон.

Еден од тие начини е и мерењето на интегритетот на општините. Некој ќе рече „се тресеше гората, се роди глушец“, но приказната е малку поширока. „Странците“ знаат дека се критериумите за мерење формални и понекогаш не одговараат на реалноста, но поентата е во стекнувањето свесност за значењето на отчетноста и транспарентноста на општините, па потоа во поврзувањето на сопственото место и сопствениот лик со тие поими, затоа што работното место тоа го бара (работна етика) и во стекнувањето вештини за да се помине „морето“ од формални документи, кои ем што мора да се напишат, усвојат и објават, ем што тие документи (или моментната „лага“) еден ден можат да станат вистина – ако некој го води тој процес и општината да си размислува низ нив – како законски акти. Значи, мерењата се само еден понебитен елемент, а поважниот е дали општината и кој од општината „ќе го одат“ тој пат, кој несомнено е потребен. Нели сме сите против корупцијата?

Сепак, за да се мери напредок во интегритет на една општина, што е поврзано со антикорупцијата, потребни се многу акти и ќе ги наведеме овде сите, за да можат од општините да го имаат списокот, а ако сакаат да ги симнат како пример, тоа можат да го сторат на сајтот од Општина Демир Хисар Општина Демир Хисар – официјална страница (најдобро рангирана општина за интегритет на општините):

  • Политика на интегритет на општината
  •  Номинација на лице од општината за работи од областа на интегритет
  • Етички кодекс за локални функционери на општината и Кодекс за административни службеници
  • Лице за заштитено внатрешно пријавување, со основни податоци за контакт
  • Упатство за прием на пријави од укажувачи и сите измени на упатство за прием на пријави од укажувачи (ако има потреба)
  • Правилник за внaтрешно пријавување
  • Годишен план за спречување на корупцијата за XXXX година и акциски план
  •  Годишен план за проценка на ризици од корупција во oпштината за XXXX година
  •  Правилник за користење на средствата за репрезентација во општината
  •  Правилник за начинот на користење, управување и одржување службени возила во сопстевеност на општината и приватните возила за службени потреби на општината
  •  Правилник за постапување со подароци, погодности и гостопримства во општината
  •  Правилник за реализирање на службени патувања во земјата и трошоците кои се признаваат како службени
  • Правилник за реализирање на службени патувања во странство и трошоците кои се признаваат како службени
  • Упатство за управување со судир на интереси
  • Интерна процедура за јавни набавки
  • Интерна процедура за мали набавки.

Од списокот се гледа дека ги опфаќа сите можни ризици од корупција во една општина, но некои од овие ставки, не само што треба да се напише, туку и да се објасни и на административците и на граѓаните. На пример, Правилникот за постапување со подароци, погодности и гостопримства (или како што ќе сѝ го нарече една општина) треба да ги даде сите позиции, каде градоначалникот, шефовите на службите (на пример началникот на Одделението за урбанизам или Комуналниот инспекторат, но и на ЈК претпријатија) можат да ја користат позицијата и функцијата за стекнување лична корист и тоа не само директно (пикање во џебот), туку и индиректно („јас тебе сега – ти мене после мандатот“), затоа што и едното и другото се поврзани со високи или неоправдани трошоци за општината, за некој да има корист од тоа. Овие документи ги предочуваат пред администрацијата, НВО – ите и граѓаните сите места и начини како општинароте можат да влезат во коруптивниот круг. Понатаму, Годишниот план за спречување корупција може и треба да ги предвиди сите проекти за идната година и сите поголеми давачки за општината и каде и како може да настане коруптивен круг, во сите фази од распишување тендер, избор на општински проектни комисии, па до фаза на реализација и надзор. Ако тие однапред се напишат, никој не може да се прави „на будала“ дека кршел закон.

Од тие причини, треба да сфатиме дека самото носење на вакви акти, нивното објавување и дебата за тоа, можат да го одвратат криминалот, затоа што по вакви акти се дебатира јавно, па некој граѓанин можеби ќе сака да дискутира зошто општината плаќа толку многу за редовни годишни тендери (на пример, промена на сијалици за улично осветлување), заради што едни – исти ги добиваат тендерите и заради што нема детална анализа и податоци колку се сијалици заменети, со каков тип сијалици, со која јачина и од која марка се тие, колку често ги менуваат (да не биде дека „палат камионот за една сијалица“), колку поминало од пријава до менување и сл. прашања, од кои може да се види дека една сијалица чинела 700 евра парче.

Општината нека го оди формалниот пат, а граѓаните нека читаат и бараат објаснувања, на кои е општината задолжена и да одговори и да одговара постојано, ако некој не е задоволен со одговорот. Тој што прашува не е платен за тоа, а општинарите се!

Сакаме да нема корупција или таа да се намали? Сакаме сите, сакаме што побргу, сакаме да веруваме дека некој – нешто работи на тоа поле, а не разбираме дека НИЕ сме ТИЕ, кои гтреба на тоа да работиме, затоа што буџетот е од нашиот џеб. Но, за да стасаш некаде, прво треба да направиш чекор или народски „да кинисаш“.

Слични Објави

One Comment

Comments are closed.