Многу сакаат, ама не можат оти не сакаат

Ако сакаме отчетни општини, најважен елемент е самоконтролата на општините, што значи реална и независна внатрешна ревизија и контрола, кои не се само формални постапки „за лажење мали деца“. Лесно кажано, но претешко да се реализира и тоа токму заради одбивањето од државата и општинските раководства, иако им е тоа законска обврска. Аналитичарите знаат „каде лежи зајакот“ (неводење регистри на ризици од корупција, неажурирани и/или недонесени правилници за внатрешна контрола и ревизија, недостаток на едукација на ревизорите и нивно неповрзување со ДЗР и антикорупционерите од Државната комисија – заради нивна заштита). Таман што заживеа носењето на Регистрите за ризици, кај некои општини до 2018 година, тоа одма почна „да се подзаборава“ и веќе е згаснато, во раскошно содејство со централната власт (ниту една власт не сака контрола). Отчетност сакаме, контрола не.

Но, да тргнеме од проблемите на општините, затоа што тие не се околу загриженоста „како да го украдат буџетот“ – иронично кажано, туку спротивно: како да не го украдат и запустат.  Така, нараснатите долгови, судските спорови, блокираните сметки, застои во набавки и други постапки кои претходат на конечната испорака на локалните услуги… бараат многу грижа и силна акција, но тоа не се случува.

Општините плачат за државата „еднократно“, односно „интервентно“ да им ги покрие овие долгови, но тоа не е системски одржливо и претставува лоша порака за општините, кои имаат добри финансиски резултати. Сепак, и тоа се случи и државата зеде да покрива такви општински долгови, кому – како и како ќе ѝ текне, но тоа го правеше со голема загриженост (демек: плаќаат, ама знаат дека не требало), па воведоа и фискално правило за планирање на буџетот, каде дозволуваат пораст за идната година од најмногу 10% од просекот на последните три години. Го воведе и го изигра – се разбира. Одма идната година дозволи општинските буџети да се зголемуваат и над 30%, што на општините добро им дојде да го засилат јавашлукот и крадењето, а на рентабилните општини, кои не предвиделе многу „кабриолет“ пари (непокриени со приходи на општината или дотации од централниот буџет) за крадење им порача дека се тупави. Интервентно сакаме, правила не сакаме.

Напредокот во фискалната децентрализација може да се мери и во проценти. Започнавме со 2,2% од БДП, па „скокнавме“ на 5,4% и подслеговме на 5,3%. Машала, од 5.9 милијарди денари во 2005 година, на 36 милијарди денари во 2020 година. Дека во ЕУ е просекот над 11%, не е важно. Тие пари ги делиме по формули (територија, жители, развиеност по категории…), преку климави инструменти за финансиско изедначување, каде нема награди за успешните општини, туку спротивно: „Имате вие, парите се за понеуспешните“. Можеби и заради тоа не се прави мерење на фискалниот капацитет на секоја општина, за да не влегувала „во ризик“ (ризик е кај нас да се каже вистината). Така, општините спас гледаат во покачување на уделот за општините во ДДВ – то и даноците на личен доход, додека државата вели општините да си создадат „сопствени приходи“, за што им дале надлежности. Вистината е на средина, но ниту од горе сакаат да тргнат во решавање, а ниту овие „од долу“ сакаат такво нешто да се случи, затоа што тоа нема да се случи без вистинска реформа на јавната администрација, што повторно ќе открие дека никој од властите не сака реформи. Вистина не сакаме, проценти може, а реформи – никако.

Потоа, настана голем проблем со капиталните проекти, кои се правеа од година – за година, а ЕУ инсистираше да се планира на најмалку 3 години, па така да одат и парите (барем 60% од приходите на општините се од трансфери и дотации) за повеќегодишни поголеми проекти, затоа што централната власт применува трикови во (не) финансирањето на овие проекти, па општините мораат (пак) да се задолжуваат за таа намена (проектот тече на терен, работите се одвиваат, а државата не трансферира пари за проектот). Ајде да не се лажеме и тоа дека општините го направиле квалитетно планирањето на финансирањето на проектите. Сепак, главните проблеми ги предизвикува централната власт со легендарното несакање било каква форма на контрола во распоредувањето на парите за општините. Така нејзините капитални трансфери и инвестициски програми стануваат нередовни, фрагментирани, далеку од принципите за финансиско изедначување и рамномерен регионален развој (РРР). Ако ги прашате, тие се многу по РРР и за праведна распределба, но политичкиот принцип е клучен, а веројатно и степенот на безобразилук на донесувачите на одлуки („пушти ги нека горат“ синдром). Дека државата не сака контрола на распределбата на парите за општините говори и фактот дека во Советот за управување со јавните финансии не членуваат ниту МЛС, ЗЕЛС и Асоцијацијата на финансиски работници. Сигурно им е страв дека можат да им предизвикаат реформи, скраја да е. Распределба сакаме, контрола не.

            Веќе од самите почетоци на децентрализација, далечната 2002 година, државата сакаше да има одлучувачка улога во финансирањето на политичкото влијание врз гласачите на локално ниво, затоа што многу услуги се добиваат локално, па и тоа „влече“ гласови. Таа контрола е воспоставена и преку недостатокот на партиципативност на телата за распределба на средствата (дали трансфери, дотации или проекти – исто е), дали со институционални и законски лавиринти, каде едно министерство (МЛС) го обезвластуваш со „независно тело“ (Биро за Регионален Развој) од истото тоа министерство, а пак и него го обезвластуваш со „Комисија“ од истото тоа министерство, а пак нејзе со Совет, каде (погодувате) членуваат многу министри, многу претставници на општини, а сепак, одлуките се носеле на „Форуми“. На крај, само слеп не гледа дека партијата на власт најдобро се испазарила. Само Бог знае заради што постои овој неверојатно компликуван систем. Систем сакаме, тој да работи неќеме.

Исто така, контролата се воспоставува и преку „немаштијата“, затоа што нема доволно финансиски средства за општините (многу е мало зафаќањето за општините од централниот буџет), а обврските на општините секоја година се се поголеми, па и надлежностите (според новите „еколошки“, но и други закони) и се рабира и задолжувањето. Така, „блок дотациите“ за наследените установи остануваат исти, дури и кога трошоците се зголемиле, за што сведочат и зголемените плати од истите тие установи. Плати на вработени – може, струја – не може.

Немаштијата сѝ ја предизвикуваат и самите општини, а тука им помага и централната власт. Општините не сакаат да го зголемат смешно малиот данок на имот и другите „зафаќања“ од граѓаните, оти не е симпатично, а по некаде и не сѝ ги собира овие даноци. Државата со тоа нема врска, но сепак Регулаторната комисија одредува висина на голем број давачки за граѓаните, па државата тука само сѝ намигнува со регулаторите, затоа што цехот пред гласачите ќе го плати општината (ајде објасни им го тоа на граѓаните). Други пак општини, заглавени во своите дилови со урбанизмот и кој смее, а кој не смее да гради, не издаваат дозволи за градба, па не инкасираат такси за уредување на градежно замјиште. Понекаде таксите се 3 пати помали од реалните трошоци за уредување на просторот околу градбите. Пари сакаме, рејтинг исто така, што не е можно.

            Сиромаштија бидува и од неефикасност, а не само од превработени партиски кадри во општината и јавните претпријатија. Државата вели дека општините не се ефикасни и дека треба повторно да проценат дали им се потребни сите тие институции и вработени, кои општините сѝ ги формираат (за да сѝ ги работат дадените надлежности). Поинаку кажано, државата вели дека таа треба да троши пари за партиски кадри, наместо тоа да го прави локалната. Каква врска со ова има процентот – никој не знае, затоа што останува логичното прашање како ќе вработува државата на локално ниво? Со проекти? Партиските кадри бараат вработување, а не да работат проекти.  Тоа значи дека државата овие проценти сѝ ги троши за сопствени, а не за локални потреби. Нема нови надлежности, нема нови пари за локалците, иако државата ниту дава пари за многу надлежности, кои се дадени на општините, но се само мртво слово на хартија (како со социјалата).

Ова прашање, кое се поставува пред општините, никогаш не смело да се постави до владите на државата, затоа што одма ќе се отвори прашањето за еден куп непотребни институции и нужната „рационализација“ и повторна функционална аналкиза на функциите на државата, нерентабилност и какви уште не „страшни нешта“, кои партиските морони би ги оставиле на улица. И едните и другите говорат за потребата од „ремонт“, но ќе паднеш во немилост само да пробаш нешто. Па, нели видовме на што личат реформите во ЈаДната ад министрација? Ремонтите и во општините не одат баш лесно и солидарноста на властите и овде се гледа одлично. Законски пимплања сакаме, реформи – не.

            Суштински, сите власти сакаат само едно: пари – колку има, а не сакаат контрола, отчетност и транспарентност. Тука имаме само една партија и различни идеи нема, па затоа сето ова го нема во изборните програми. Различни партии сакаме – различни идеи не сакаме!

Другото „се јаде“ и за мали и за големи пари.

Слични Објави