Поддршка од Владата – за избори, не за живот

Место да зборуваме за следна фаза на децентрализација, за тоа како општините ќе добијат повеќе надлежности, средства и шанса сами да се развиваат, ние повторно добиваме – поддршка од Владата за локални избори. Да, баш тоа што најмногу ни недостасува!



Затоа и нема ништо чудно што во Македонија забрзан процес не значи брза изградба на пат, туку брзо штанцање предизборни ветувања. Нема забрзана децентрализација, ама ќе има забрзано делење кроасани и сендвичи по митинзи. Нема средства за општините, ама ќе се најдат средства за „културно-забавна програма“ на градскиот плоштад, со три пејачи од регионот и по некој „домашен талент“ за украс.

А пак за едукација на општинска администрација – ни збор. Тоа сеуште стои во книгите за научна фантастика, а не во предизборна програма. Граѓаните можеби ќе треба да чекаат уште четири години за некој да сфати дека знаењето и обучените кадри не се помалку важни од билбордите и спотовите.

Иронијата е што сите зборуваат за поддршка на локалната демократија, а никој не спомнува поддршка на локалните проекти. Општините ќе продолжат да чекаат на владина милостина, а граѓаните ќе продолжат да чекаат на канализација.

Но, важно е дека ќе имаме локални избори. И уште поважно – ќе имаме владина поддршка за нив. Еве сега конечно ќе се чувствуваме како Европа: таму општините добиваат пари и надлежности, а кај нас добиваат спотови и билборди.

На крајот, можеби и тоа е некаква форма на децентрализација – централната власт ги дели партиските ветувања по општини. Рамномерно. Демократски.

Слични Објави