Првата ПРЕТСЕДАТЕЛКА на Македонија

Позади нас се осмите претседателски избори во назависна Македонија, а први како Северна Македонија.  Битката беше нерамноправна, многу разбирливо затоа што опозициското расположение беше огромно, а граѓанското незадоволство од до вчера владеачката партија партија СДСМ оправдано големо. ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш покажа дека има „тврдо“ гласачко тело, кое без разлика на резултатите и однесувањето на партијата е спремно да излезе и да си гласа за своите. Ја спомнувам состојбата на партиите, затоа што сепак во Македонија граѓанската свест е на толку ниско ниво, што ни оддалеку не може да се зборува за гласање за личност.

Без разлика на кој начин секој еден гласач ја донел одлуката кој број ќе го заокружи, резултатот е ПРВА ПРЕТСЕДАТЕЛКА на Македонија, Проф.д-р Гордана Силјановска Давкова и тоа кандидирана од десничарка партија, иако самата таа се декларира како либерал и била во раните деведесети финкционер во влада предводена од СДСМ.

Напредок во родовата еднаквност во секој случај, а дали е напредок во демократските процеси кои Македонија ги оди, два чекори напред, три назад веќе 30 години, ќе дознаеме во наредните 5 години од нејзиниот мандат.

-Има ли поголема промена, од таа за прв пат, за оваа државичка-држава жена да стане претседател? Има ли поголема инспирација за умните жени? Нема! И јас мислам дека со мене, држете ме до збор, кога ќе се опкружам со жени слични на мене, жени по моделот на Вацлав Хавел, субверзивни, свои, стамени кои умеат да изразат став на свој начин, на поинаков начин од машкиот да го бранат! Тоа е некаков, голем исчекор. И тоа е за мене реформски чекор!

Овој дел од победничкиот говор на Сиљановска-Давкова беше навистина храбар. Јавноста будно ќе следи со какви советнички и советници ќе се опкружите, со надеж дека со вашето делување ќе не натерате да ја заборавиме изјавата во еден дуел. „Не очекувајте да му се спротивставам на Мицковски јавно.“ Затоа што секој човек, со макар малку граѓанска свест го очекува точно тоа. Јавно да го искритикувате, па и да му се спротивставите на секој фунционер, па макар тоа бил и премиерот.

М.С.

Слични Објави