|

Василица, потекло и обреди – прослава на новиот циклус

Празникот различно го нарекуваат, но се работи за прославата на новиот циклус или новата година. Во  Вавилон се слави 11 дена на пролетната рамнодневница како „Акиту“ (значи „јачмен“).  Кај Египќаните од 4241 година ПНЕ, па до воведување на Јулијанскиот календар во 26 – та година ПНЕ, имаме прослава на новата година (Јули) кога Нил ги поплавувал полињата, точно на денот кога е ѕвездата Сириус најсветла и изгледа најблизу.  Кај Кинезите, за почеток на новиот циклус го сметаат „Празникот на пролетта“.Кај Јапонците Новата година трае 3 дена од 30 – ти декември, до 3 – ти Јануари. Кај Индијците новата година започнува на 22 – ри (во престапна година на 21 – ви) Март, додека кај Римјаните Новата година почнувала на први април до 153 година ПНЕ, а од 45 – та година ПНЕ на први Јануари, а „Стара нова година“ тие повторно ја славеле незванично како  ден на шегувањето и мајтапењето.

Кај нас оваа прослава одговара на вавилонска нова година – „Реш Шати“, а исто така и на Римската „Calendae“, Словенската „Колендо“, или „Коледе“ и на Еврејскиот „Пурим“.

„Василица“ и Св. Василиј Велики

Празникот „Василица“, кој го славиме независно од било каков црковен празник, но е под пресуден бренд на Св. Василие Велики и за нас е „Старата нова година“, по Јулијанскиот календар.

Св. Василиј е основач на монашката традиција, а како историска личност. Василие потекнува од богато семејство во Неокесарија (општина Катерини) во Грција, внук е на Св. Макрина Постарата, мошне бил образован, се школувал на многу места, а семејниот имот го раздал на сиромаси. Василиј умрел на 31 Декември 378 година, погребан е на први Јануари 379 година. Со нас е поврзано и тоа дека дел од останките на Св. Василиј се наоѓаат во  црква во Струмица.

Името Василиј потекнува од старогрчкиот збор „basileus“ и значел „крал“.

Постојат многу легенди за Св. Василиј Велики, но сите се базираат на митот дека Василие,  собрал откуп од богатите за да ги спаси од Јулијан Отпадникот, кој се засрамил и не го зел азното. Василие не знаел кој – што дал и наредил да се замесат лебови, во кои ставиле накит и златници, па потоа печените лебови им ги поделиле на луѓето на Нова година. Секој во своето лебче го нашол она што го дал на Василие за епископот.

Но, во обичаите не може да се најде нѝ трага од врската на Василие и празнувањето.

Обичајот за ставање паричка или житно зрно во некаков колач (месиво) е прастара и далеку пред Христијанството и се нарекувало избор на „Смешен крал“, „Крал на денот“, „Богојавленски колач“, „Божиќен крал“ или „Сиромашки крал“, што е обред од Сатурналиите, а овде на Балканот од „Крониите“ (како реакција од политички причини).

Дури и името „василопита“ лежи на лажна етимологија. „Басилопаиди“ (Грција) значи „кралски деца“, а не „Василие“. Ова доаѓа од името „маги“ за трите кралеви, кои му се поклониле на новородениот Христос, но на грчки тој збор значи „волшебници“ па самата употреба на тој збор е против христијанското учење.

***

Самиот назив „Василица“, но и „Сурва“, „Сурова“, кои се во женски род, може да има повеќе извори, но веројатно има врска со Словенската божица Мокош, за што сведочат многуте табуи за работа со волна во овој период.  Таа има многу сличности на староруската “мајка на влажната земја”, која е длабоко закоренета во руската народна култура. Во христијанската религија функциите на Мокош се пренесени на света Параскева, односно света Петка, особено почитувана како заштитничка на женските работи, а особено им е забрането да предат и да ткаат.

Можно е остатоци од верувањата во божицата Лада да се останати во формирањето на ликот на Василица. Леда (Лада) ја сметале за божица на бракот и веселбата, сврзана со пролетните и сведбените обреди, но и како божица на благосостојбата.

Елементите на култот на мртвите, за што  се маскираните поворки најдобар показател (тие се духови на предците) присутн и во Коледето, Бадникот, Божик и Василица можат да бидат контаминирани и од божицата Морена, која ја среќаваме во верување во Мариово каде е претствена како божица на смртта, во придружба  на боговите Перун и на Дабог,

Обредност

Празникот  „Василица“ на разни страни на балканот е познат под повеќе имиња како што се: „Сурова“, „Сурва“, „стара нова година“, „православна нова година“, Св. Васил (како што го нарекува Марко Цепенков); „Св. Василија“; „Мал Божик“ „младо лето“„ново лето“; „нево берш“ и „лачо диве“ (добар ден на Ромски) и сл.

Главен обреден елемент е колачот со паричка, со која се прогнозира кој член од семјството ќе биде најсреќен.  Колачот се нарекува различно, како и за другите празници: Мазник, Бакрданик, зелник, а денес најмногу се користат купени буреци. Во Тетово прават „Комад“ со паричка. Овие обредни месеници можат да бидат со праз, зелка, сирење, коприви, месо, компир или мешани зеленчуци.  Тој што ќе ја добие парата е автоматски „домаќин“, односно организатор за следната Василица. Некаде добитникот го нарекуваат „кум“.

Ритуалот се нарекува „вртење мазник“, „вртење колач“, „кравај“ и сл. Домаќинот благословува и одредува број на парчиња – спрема бројот на членови во семејството, оставајќи едно парче за господ и едно за куќата, па го сече месивото на толку парчиња. Потоа парчињата на мазникот се „бележат“ на некој начин (со чачкалици, знаци и сл) „се врти“ 3 пати, за да не може никој да знае каде е парчето, што претходно го бендисал и секој сѝ одбира парче и го бара парето, дали е кај него. Понекогаш е одредена и награда за добитникот.

Овој обичај е широко навлезен и во семејните фирми, но и во скоро сите државни фирми, локални самоуправи, институции, каде се празнува богато, со купување „бурек со паре“ или се договара со бурекџијата да стави паре во еден од многуте буреци за една институција или група.

Секаде во Македонија се јадат и колбаси и има обичај „зетот да го повикаат на колбаси“ во куќата на младата, а се јаде и туршија од каца, пача и се пие вино.

               На Василица, во минатото, редовно се правел „кукуруз“ (Прилеп) од свински црева или „Баница со свински црева“ (Вевчани).

Во многу делови на Македонија се одвиваат маскирани поворки и изведба на традициска кореографија за „полазување“.

Кај нас маскираните поворки се нарекуваат најразлично, инспирирано од самиот датум и различно се нарекуваат: „Василичари“, „Сировари“, „Суровари“, „Џамалари“, „Ешкари“,  „Бабари“, „Русалии“, „Некрстеноќој“, „Бамбурци“, „Суроваскари“, „Нова година“, „Караконџоли“, „маскарџии“.  Драмските ликови се: зет, невеста, белаци, младоженец, гатач, „војска“, стара баба, стар дедо, стар дедо – орач, даночник, мечкар и мечка и др. Изведувачите се само мажи, кои се облечени и во женски алишта („невестата“).

Овие поворки користеле ласцивни движења (плодење) и „мрсни“ песни, за што добивале подароци (грав, компири, месо, колбаси, масло, сол, шеќер, емиш) за заедничката гозба – потоа.

Се внимавало две василичарски дружини да не се сретнат зашто редовно доаѓало до тепачки до смрт, за што сведочат топонимите Василичарски гроб, Бабарски гроб.

Битни елементи на обредот се и вревата, тепање и нажежување на пците, затоа што се тоа „сеновити“ животни, во кои можат да се вселат духовите на предците, а на Василица требало да сѝ одат на оној свет.

На Василица има и предвидување на родноста на годината, временските услови, здравјето во семејството и предвидување за мажење (кога ќе се омажат девојките).

На Василица „чини комар да играш, ама мал – не голем“ и во централните делови на Македонија застапена е коцката, но поприма форма на традициско коцкање (во мали износи). Во коцкањето учествуваат и децата, после вечерата. Најважно е да се види кој ќе биде добитник на сите пари од коцкањето. Најчесто се игра „купчиња“ со карти, но може и „ајнц“ или „мунти“, а  порано играле и „барбут“.

НУ. Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп
Одделение за социјална и духовна култура
Александар Цветкоски
Кустос – советник

Слични Објави