Каде одат локалните инспекции – Потребно е да се воспостави самостојност, ефикасност и компетентност
Продолжение
Има помалку од 300 лиценцирани општински инспектори (во Пелагонија се помалку од 30), од кои има само 50 до 60 лиценцирани градежни инспектори, што е премалку за да можат да ги задоволат барањата на граѓаните.
Инспекторите кај нас, како и во светот, имаат различни стручни звања, а пред тоа се „кандидати за инспектори“. Можат да напредуваат во струката и да станат раководители на сектори и на инспекциска служба. Инспекторот мора да е со лиценца издадена од Инспекцискиот совет, за областа – која „ја покрива“ и се добива за најмалку 1 година, но потребно е учење и полагање, иако недостигаат ментори за стекнување лиценца, или „недостигот“ е предизвикан од самите власти, оти не може секој да биде ментор (ако не е од нашите).
Од овој инспекциски систем се изземени даночните инспектори, иако и за нив важи ЗИН и тие немаат решен статус, затоа што постоела дилема „дали општинските даночни инспектори се вистински даночни инспектори?“ Тука МИОА не се прославила многу со своите „успешни“ реформи, па успеа само да направи страшен метеж. Самите шифри од систематизацијата на работни места, се голема произволност, па има инспектори со шифра УПР (административни службеници), со ИНС (инспектор) и ДАН (даночни службеници). Општинските даночници ги загубија „во преводот“ и ќе ги води секој – како сака. Ниските плати им се прилог на главното јадење.
Овде мораме да направиме мала дигресија, потребна за нестручниот читател да ја разбере состојбата со правната рамка на инспекциите (тие закони се наменети за нас граѓаните, а на нивното спроведување внимаваат инспекциите).
Ете точно тие материјални закони, се (скоро сите) во судир со своите генерални закони, а и сите тие заедно, не се согласни ЗОУП, па може да биде постапено и вака и онака, зависно од тоа кој закон – кому, му одговара.
Иако се вели дека законот за прекршоци и ЗИН се главни закони, по кои постапуват инспекторатите, тоа воопшто не е точно. Тие постапуваат по „материјалните закони“, кои се (регулираат сосема конкретни работи од еден сектор) „специјални закони“ или lex specialis. Сите овие закони мораат да бидат сообразени со нивните „генерални закони“, или lex generalis, затоа што произлегуваат токму од тие генерални закони. На пример, целокупната постапка за издавање решенија и одобренија кон граѓаните, мора да биде согласна Законот за општа управна постапка, кој регулира како „државата“, односно властите, преку својата администрација (било која и било каква) води управни постапки, било по барање на граѓанинот, било по барање на некоја власт (на пример, општината бара да платиме данок и за тоа испраќа решенија за данок на имот, до граѓаните, кои имаат имот, а граѓанинот има право да се жали, ако не е задоволен). Тој „генерален закон“ ја регулира постапката, која одговара на прашањето „како?“, но не и на прашањето „што?“. Конкретниот сектор, каде граѓанинот бара издавање некакво решение од некоја власт (централна или локална) или државата или општината бара граѓанинот да плати некоја давачка, казна или глоба, сѝ има и „генерален закон“ и многу поконретни закони, кои произлегуваат од овој „генералниов“. Тие закони се нарекуваат „материјален закон“ (Закон за градба, Правилник за надокнада за уредување градежно земјиште, Закон за персонален данок на доход….). Ете точно тие материјални закони, се (скоро сите) во судир со своите генерални закони, а и сите тие заедно, не се согласни ЗОУП, па може да биде постапено и вака и онака, зависно од тоа кој закон – кому, му одговара. За да се изведе таков „законски зафат“, посебно ако се работи за големи пари или за услуга кон функционер, бизнисмен или политичар, потребно е да ја консултирате длабоката држава, која погоре ја опишавме.
За инспекторатите и инспекторите да ја извршуваат својата работа, барем така сите тврдат, потребно е да се воспостави самостојност, ефикасност и компетентност на инспекторатите и инспекторите, посебно на локалните инспекциски служби. Тогаш ќе имало и поголема отпорност на корупција! Така велат.
Ова е празна декларација, која не само што не се почитува, туку секоја година бележиме и видно назадување, поврзана со пораст на корупцијата.
Главно, вистина е дека без самостојност на инспекторот, службата му станува партиска и криминална испостава; без ефикасност неговите постапки немаат последици, завршеток и превентивна улога; без компетентност на инспекторот нема да постои спроведување на законите, предвидливост на постапките, рамномерна примена на законот и предвидливост на резултатот на постапката. Резултатот е секогаш ист, кога ги нема овие 3 елементи на инспекцискиот надзор: На тој што го „надзираат“, односно му дошле во инспекција, многу му е попаметно и поефикасно да вложи во корупција на инспекторот или на „тој над него“, наместо да ги спроведува законските обврски. Чист бизнис. Стопанственикот и граѓанинот гледаат што им е поисплатливо. Корупцијата зависи само од јавната перцепција „колку е таа исплатлива“. Ова општество, на секој чекор и од секоја инстанца, одговара: Најисплатливо!!!