|

Отчети и „вакви и такви“, но да не се „никакви“ В’година се избори, нели?

Ете, повторно дојде „сезоната на отчети“ од градоначалниците. В’година се избори, нели? Ние граѓаните добро ги знаеме тие приказни, па не изненадува општата решеност да се зајакнат редовните отчети, кои ги има секоја година кон крајот на годината, но не беа ниту малку видливи – споредени со годинашниве.

Но, ако! Оваа година имаме многу продуховени отчети и некои воопшто не се на хартија, туку електронски, некои се во видео формат – внимателно осмислени од рекламни и продукциски компании, во форма на кратки спотови. Некои се и во електронски и во печатен формат. Дека се напечатени со парите на граѓаните, а не со партиски пари и тоа нема врска, но има врска кога општините величаат партии, а не сопствената работа. Ете тоа „не е за машала“. Не е за машала ниту кога се користат манипулации. Едни работи ги мерат во километри, други во метри, трети во метри квадратни, некои во „парчиња“, други во „задоволство на дечињата“ и на пензионерите. Негде мерат во милиони евра, некаде во илјади евра, а во истиот отчет има и суми во денари. Фалеа уште да ги претворат во Јени, Фунти и Кувајтски долари. Тоа е манипулација, како што е манипулација да ви кажат дека кило салама чини 169,99 денари. Демек, помалку од 170 денари чинела саламата.

Кутри партии, сеуште не сфатија дека никој веќе не ги „купува“ нивните глупи обиди за рејтинг. Со секој неискрен обид, тие губат и почит и рејтинг. Никој и не сака да „купи“ општинска активност како партиска. Граѓаните веќе знаат што е партија, а што општина и дека партискиот кадар мора да го подзаборави тој партиски стил, затоа што им носи негативен рејтинг. „Благодарејќи на градоначалникот“, „на партијата“, „на пратеникот тој и тој или таа и таа“, е крајно демоде и граѓаните се исмејуваат со невештоста на партиите, а (Богами) и на некои општини. За среќа, отчетите можат да бидат и мошне корисни, ако се технички и содржат информации за изготвените проекти, изготвените урбанистички планови и урбанистички проекти, финансираните проекти (небитно од кого), реализираните општински проекти од некое министерство, агенција… (централна власт), реализираните проекти од општините, реализираните акции и проекти од сопствената, а не од буџетскаа сметка, дали и колку општината се задолжила и за која намена и сл.

Градоначалниците сеуште не знаат, но веќе претчувствуваат, партиите немаат блага врска и никогаш ниту ќе имаат, а од администрацијата не сакаат да ги поучат – а знаат, дека: – изготвените или посетените добри обуки за администрацијата и потрошените општински пари за стекнувања знаења и вештини, – купената ИТ опрема и софтвери, како за работење на администрацијата, така и за полесно, побрзо и поточно бележење податоци, нивна статистичка обработка, – спроведени јавни активности за креирање на локални политики според потребите на граѓаните, како и планирањето, буџетското планирање, отчетноста за сето тоа, – учеството на граѓаните во процесите на носење одлуки, планирање – донесените акти за внатрешна консолидација на општината, за напредување по систем на кариера, подобрување на систематизацијата и описот на работните места и политики за подобрување на работата на службите на општината СЕ НАЈДОБРИТЕ ПРОЕКТИ, кои една општина може да ги има. Патот е пат, се прави, поправа и може да пропадне. Школо е школо и ја има истата судбина. Секоја градба е само градба и старее, се троши, пропаѓа и еден ден мора да се турне и изгради нова. Само вложувањето во човечки капитал е неуништиво.

Во суштина, општините мораат да знаат дека единствено што имаат, тоа е човечкиот капитал. Се останато е ветар и магла. Имај човечки капитал, ќе имаш проекти, ќе имаш апликации и дома и надвор, ќе имаш и пари и инвестиции. Имај учени и вешти луѓе, ќе ти донесат и странски и домашни инвестиции и ќе ти заработат најмногу по единица површина општински имот. Имај добри инспектори, тие ќе ја придобијат бизнис заедницата со чесна регулација на пазарот, ќе олеснат градба, инвестиции. Единствено што општината треба да го прави, тоа е да го чува кадарот и да му овозможи фер и непартиско напредување, а тие сите ќе го сторат останатото. Ете затоа, нашите општини се на многу ниско ниво: Прават се, само не она што треба – да вложуваат во кадар.

Па така, многу градоначалници ниту се заблагодарија на административците за сработеното, со кое се фалат, ниту на урбанистите, кои урбанистички сонуваат во име на градот и се спротивставиле на многуте притисоци (ако заслужиле)… Со градоначалниците „не оделе“ заедно на ист отчет директорите на јавните општински претпријатија, така велат. А ако заслужиле со подобрување на работата на претпријатието?

Отчетите треба да имаат барем мерка за пристојност, а ако се насочени да се велича партијата или партиските кадри, или да се манипулира со јавноста, тогаш извештајот, било ваков, било таков, ќе биде никаков. Одамна тоа не поминува кај граѓаните, дури ни од партиските лајкувачи.

Александар Цветкоски

Слични Објави