Тајане Бојане – Иванден, празник на билките, водата и шарените кравајчиња
Иванден е празник на светлината, водата и тивките народни верувања што со векови се пренесуваат од генерација на генерација. Ноќта меѓу 6 и 7 јули отсекогаш се сметала за волшебна – ноќ кога природата ги открива своите тајни, а човекот се обидува да ѕирне во иднината.
„Тајане, бојане“ . Некогаш, вечерта спроти Иванден, децата оделе од куќа на куќа пеејќи ја истоимената песна, а домаќинките ги дарувале со брашно, масло, шеќер и парички. Од собраните намирници се меселе препознатливите иванденски кравајчиња, мали округли лепчиња, украсени со шарени шеќерчиња и бонбони, кои симболизирале здравје, бериќет и радост во домот. И денес, во многу прилепски семејства, токму овие кравајчиња остануваат најубавиот симбол на празникот.
Девојките, пак, собирале билки и цвеќиња, плетеле венчиња, полнеле „тивка“ вода и ги изведувале старите обичаи за да дознаат што им носи судбината, дали ќе се омажат, кој ќе им биде избраникот и каква ќе им биде иднината. Сè се правело тивко, со почит кон природата и со вера дека токму оваа ноќ има посебна моќ.
Се верувало дека билките набрани пред изгрејсонце на Иванден имаат најсилни лековити својства. Затоа жените ги собирале кантарионот, нането, мајчината душица и другите лековити тревки, верувајќи дека во нив е собрана целата сила на летното сонце.
Иванден е и христијански празник посветен на раѓањето на Свети Јован Крстител, пророкот што го крстил Христос во реката Јордан. Во народната традиција, пак, тој останал спој на верата и древните обичаи, каде што црковното празнување се испреплетува со магичните летни ритуали.
Денес многу од овие обичаи полека исчезнуваат, но песната „Тајане, бојане“ и мирисот на штотуку испечените кравајчиња со шарени шеќерчиња остануваат како жив спомен на едно време кога луѓето верувале дека природата зборува, водата памети, а среќата се повикува со песна, добра мисла и топол залак споделен со најблиските.



