Советник, советничка група или партија – до каде е границата?

Транспарентноста на локалната власт не треба да биде само прашање на тоа што ќе се каже пред камера. Таа треба да биде прашање на надлежности, одговорност и еднакви правила за сите.

Во секоја општина граѓаните имаат право да знаат што работи локалната власт. И не само да знаат дека е реконструирана улица, изградена водоводна мрежа или поставено ново игралиште, туку и кој ја донел одлуката, кој ја спровел, од каде се обезбедени средствата и кој е одговорен за резултатот.

Токму тука започнува вистинската отчетност.

Повод за оваа тема е неодамнешниот јавен настап на советници од советничката група предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Прилеп, на кој беше презентиран отчет за реализирани, тековни и најавени проекти во општината.

Нема ништо спорно во тоа советниците да комуницираат со јавноста. Напротив. Граѓаните имаат право да ги слушнат своите избрани претставници. Но таа комуникација треба да биде во рамките на надлежностите.

Доколку советот сака да прави прес, може после седница претседателот на советот или лицето за односи со јавнот, да ги соопшти одлуките кои се донесле на седницата. После соопштувањето на тие одлуки, секое друго појавување во јавност на советни, потенцирам СОВЕТНИК, може да биде исклучиво за да побара информација до ИЗВРШНИОT орган на општината, за реализацијата на одлуките кои ги донеле. Но за овој дел, сепак постјат и СОВЕТНИЧКИ ПРАШАЊА, кои според статутот на Општина Прилеп, можат да се поставуват на секоја седница, а според програмата која советот ја усвои, на посебна седнина, еднаш на три месеци.

Советот на општината е претставнички орган на граѓаните. Тој не е политичка партија. Во неговиот состав има советници од различни политички листи, а актуелниот состав на Советот на Прилеп има 27 членови од повеќе политички субјекти. Ако денес, советничката група на СДСМ направеше ист таков прес од зградата на општината, па утре и онаа на ЛЕВИЦА…. на што би личело тоа?

Советот има свои конкретни надлежности. Тој го донесува статутот и буџетот, усвојува годишна сметка и извештаи за извршување на буџетот, основа јавни служби, врши надзор над нивната работа, усвојува нивни програми и извештаи и одлучува за начинот на располагање со општинскиот имот.

Тоа значи дека советниците имаат што да отчетат, т.е. одлуките кои ги донесле и да прават притисок побрзо и правилно да се реализираат.

Ако се зборува за работа на градоначалникот, тогаш треба да се направи разлика меѓу неговите надлежности и надлежностите на Советот.

Тоа не е бирократско ситничарење. Тоа е суштината на институционалната одговорност.

Во локалната самоуправа постојат различни органи токму затоа што некој треба да одлучува, некој да извршува, а некој да контролира.

И тука доаѓаме до едно прашање кое многу поретко се поставува: дали ги знаеме границите на функцијата што ја вршиме?

Советникот не е градоначалник.

Советничката група не е Советот.

А Советот не е политичка партија.

Политичките партии се нормален и неопходен дел од демократскиот живот. Советниците во Советот доаѓаат од политички листи и природно е нивната политичка припадност да биде позната.

Но, откако ќе бидат избрани, тие ја вршат функцијата како членови на орган на локалната самоуправа.

Токму затоа границата меѓу политичката комуникација и институционалното информирање мора да биде јасна.

Особено кога се користат општински простории.

Ако одредена просторија е сопственост или ресурс на Општината и е наменета за прес-конференции, тогаш најважно не е кој прв ја побарал, ниту која партија е на власт.

Најважно е да постои јасно правило.

Кој може да ја користи? Под кои услови? Кој ја одобрува употребата? Дали се користи општинска техника? Дали има трошоци? И дали истите услови важат за секоја советничка група?

Демократијата не се мери според тоа дали правилото му одговара на оној што моментално е на власт.

Се мери според тоа дали истиот принцип би можел да се примени и кога политичките улоги ќе се сменат.

Тука е вистинската смисла на институционалната транспарентност.

Општина Прилеп и самата во својот Статут ја препознава важноста на информирањето на граѓаните, јавноста на работата на Советот и механизмите преку кои граѓаните можат да бидат вклучени и информирани за работата на локалната власт.

На официјалната страница на Општината МОРА да се објавуваат и записници од седниците на Советот, а на седниците советниците поставуваат советнички прашања за инфраструктурата, комуналните прашања, финансиското работење на Општината и јавните претпријатија.

Тоа се механизмите преку кои граѓанинот може да следи што навистина работи Советот.

Прес-конференцијата може да биде дополнителен начин за комуникација.

Но, таа не треба да стане замена за институционалната отчетност.

Затоа што отчетноста не е само убаво подготвено видео со список на реализирани проекти.

Отчетноста е можност граѓанинот да провери што е донесено на седница, како е гласано, во кој буџет е предвидено, колку чини, кој го реализира и кој е одговорен ако не биде реализирано.

И тука можеби треба да си поставиме едно едноставно прашање:

Дали во локалната политика доволно добро ги разликуваме партијата, советничката група, Советот, градоначалникот и Општината?

Ако не ги разликуваме, тогаш лесно можеме и заслугите да ги припишуваме на погрешно место, а одговорноста да ја бараме од погрешен човек.

Затоа на Прилеп, како и на секоја друга општина, не му треба само повеќе политичка комуникација.

Му треба повеќе институционална транспарентност.

Да знаеме кој одлучува.

Кој извршува.

Кој контролира.

Кој известува.

И, конечно, кој одговара.

Зашто јавната функција не е продолжение на партиската функција.

Партијата може да има свој став.

Советничката група може да има свој став.

Советникот може да има свој став.

Но кога се користи институцијата, нејзиниот простор и нејзините ресурси, тогаш правилото мора да биде едно:

јавниот ресурс е за јавниот интерес, а правилата мора да важат еднакво за сите.

Токму од таму започнува довербата во локалната самоуправа.

Пишува, Благица Цветкоска – АГТИС – Сектор Транспарентност и Отчетност

Слични Објави