Невремето направи големи штети во прилепско, уништени тутунови насади

Силното невреме проследено со пороен дожд и град предизвика големи штети врз земјоделските површини во прилепско, при што најмногу настрадаа тутуновите насади, токму во периодот кога земјоделците се во полн ек со бербата.

Штетите се најизразени во атарите на селата Мажучиште, Големо Коњари и Мало Коњари, каде градот и силниот дожд оштетија значителни површини под тутун, но и други земјоделски култури.

На утрешната редовна седница на Советот на Општина Прилеп ќе биде формирана Комисија за утврдување и проценка на штетите. Комисијата ќе има задача да ја утврди состојбата на терен и да подготви извештај за настанатите штети.

По завршувањето на проценката, извештајот и записникот ќе бидат доставени до Владата, со очекување да се утврди соодветен надомест за погодените земјоделци.

Од локалната самоуправа потсетуваат дека доходот од тутунот е од особено значење за прилепските земјоделци, а оваа година дополнителен проблем претставува фактот што невремето се случи во периодот на бербата. Дел од тутуновите насади се целосно уништени, а кај други е причинета сериозна штета која може значително да влијае врз приносот и приходите на производителите.

Градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денеска беше на терен во Големо Коњари, каде ги согледа последиците од невремето.

Од Општина Прилеп најавуваат и итна средба со Министерството за земјоделство, со цел да се изнајдат брзи и соодветни решенија за земјоделците кои претрпеа загуби.

„Во вакви моменти нема простор за чекање. Наша должност е да бидеме со земјоделците и да помогнеме штетата да биде соодветно проценета и надоместена“, порачаа од локалната самоуправа.

Слични Објави