(видео) ХУМАНОСТ НА ДЕЛО: БУГАРСКИ БАЈКЕРИ ДОНИРАА МАСАЖЕРИ ЗА ДЕЦАТА СО ЦЕРЕБРАЛНА ПАРАЛИЗА
Тројца бајкери со нивните партнерки од Република Бугарија, кои престојуваа во Прилеп и беа гости на мотофестивалот организиран од Мото клуб „Рисови“ – Прилеп, покажаа дека љубовта кон моторите може да оди рака под рака со хуманоста.
По иницијатива на Аграпина Цакоска, тројцата бајкери донираа масажери за потребите на Дневниот центар за деца со церебрална парализа во Прилеп.
Донацијата има за цел да им помогне на децата и да им олесни дел од секојдневните активности и третмани, но истовремено претставува и потсетник дека секоја помош е добредојдена.
Од Дневниот центар упатуваат апел до сите граѓани, компании и организации кои се во можност да помогнат – да го сторат тоа.
На овие деца им се потребни поддршка, внимание и континуирана помош, а секоја донација, без разлика на нејзината големина, може да значи многу.
Хуманоста нема граници, ниту националност. Овојпат, тројца гости од соседна Бугарија оставија убав пример во Прилеп.


