Доброволни пожарникари го спасија селото Бонче од огнената стихија
Доброволните пожарникари од Битола и Кочани, заедно со жителите на селото Бонче, рано утрово спречија голем пожар да се прошири кон куќите и да го загрози целото село. Огнот со огромна брзина се движел по падината, а пламените јазици достигнувале височина од три до четири метри.
На терен бил и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој им се заблагодари на пожарникарите за нивната навремена и пожртвувана интервенција. Тој посочи дека доброволните пожарникари биле превентивно испратени во Бонче уште претходниот ден, поради опасноста од ширење на пожарот.
„За малку ќе отидеше цело село, да не беа доброволните пожарникари“, изјави Ангелов.
Пожарникарите сведочат дека интервенцијата била исклучително тешка. Околу пет часот наутро огнот се движел со голема брзина по падината, потпомогнат од силен и непредвидлив ветер кој постојано го менувал правецот.
„На многу пожари сме учествувале, но ова што го видовме утрово беше нешто невидено. Пожарот одеше со огромна брзина, со пламен висок три до четири метри“, раскажа еден од пожарникарите.
Околу 20 доброволци од Битола и Кочани, заедно со мештаните, со часови се бореле со огнената стихија. Тешкиот и непристапен терен, како и густиот чад, дополнително ја отежнувале интервенцијата.
„Имаше момент кога од чад не можев да видам каде одам, ниту каде е огнот“, сведочи пожарникар.
Голема помош во гаснењето бил специјализираниот камион на ДПД Кочани, со погон на сите четири тркала, кој овозможил пристап до тешко достапните планински делови.
Пожарникарите од Кочани претходно биле ангажирани и кај прилепските гробишта, каде што исто така се соочиле со сериозен пожар. Според нивните сведоштва, таму пламените јазици достигнувале височина од шест до седум метри. И покрај дефектот на возилото, екипата успеала брзо да го оспособи и да продолжи со интервенцијата.
Ангелов порача дека развојот на доброволното пожарникарство ќе остане еден од приоритетите, нагласувајќи дека доброволните пожарникари и ова лето имаат значајна улога во справувањето со пожарите низ земјата.
„Денес го спасивте Бонче, пред неколку дена Крушевица, работевте и во Лопатица, а вчера и во Прилеп. Воодушевен сум од вашиот ангажман“, истакна Ангелов.


