Вера, Нада и Љубов -празник посветен на жените и нивните ќерки

На 30 септември е денот кога се празнува споменот на познатата Римјанка Софија која своите ќерки ги воспитала да имаат вера во себеси и во Бога, да имаат надеж во неговата добрина и љубов кон ближните и кон Севишниот.
Христијанството тврди дека вера, надеж и љубов, биле личности кои навистина постоеле.


Светите маченици Вера, Нада и Љубов живееле во Рум во време на царот Адријан, кој наредил нивно мачење, а потоа им изрекол и смртна казна.Именден празнуваат: Софија, Софка, Вера, Верица, Нада, Надежда, Натка, Љубе, Љупчо, Љубен, Љубомир, Љубосав, Људмил, Љуба. Празникот е посветен на жените и нивните деца, првенствено ќерки.

Кон крајот на првиот и почетокот на вториот век со својата верба во Исус Христос и со својата готовност да се жртвуваат за него се прославиле четирите римјанки, мајката Софија и нејзините три ќерки маченички: Вера, Нада и Љубов. Мајката Софија била достојна на името што го носела, а што значи мудрост, премудрост. Таа и додека бил жив нејзиниот сопруг и подоцна кога останала вдовица живеела како вистинска христијанка, со добри дела, со смиреност на душата, со покорност на Божјата волја. Во тој дух и ги воспитувала своите три ќерки кои ги носеле имињата на трите најважни христијански вредности: Вера, Надеж и Љубов.

Набргу по раѓањето на третата ќерка Софија останала вдовица. Се посветила на своите ќерки со цел да ги порасне и да ги воспита во духот на христијанската вера. Заедно ги читале и препрочитувале пророчките и апостолските книги. Но тој начин на живеење на ова семејство не останал без впечаток на околината. Најпрвин управителот на областа Антиох се уверил дека целото семејство исповедува христијанска вера, а потоа тоа му го соопштил на императорот Адријан, голем противник на христијанството и прогонувач на христијаните. Императорот ги повикал мајката и трите ќерки за да се увери во тоа што го слушнал. Но тие не само што не се исплашиле од таа покана туку со задоволство тргнале кон злогласниот владател кому мудрата мајка му соопштила:

-Јас сум христијанка! Тоа е скапоцено име со кое можам да се пофалам. Со тоа име се фалат и моите три ќерки.

Императорот бил изнаден од решителната изјава на мајката, но не сакал веднаш да донесе пресуда за нивно казнување, надевајќи се дека ќе ги придобие. Разговорот го одложил за три дена до кога тие требало да бидат набљудувани од една Римјанка по име Паладија. Во текот на трите дена колку што живееле кај Паладија маката им зборувала на своите ќерки само за верата Христова. Сакала уште повеќе да го зацврсти во нив тоа верување, велејќи им дека за Синот Божји вреди и да се умре, и дека таа ќе биде радосна ако биде мајка на маченички што загинале за Спасителот Исус Христос.

По три дена императорот повторно ги повикал на суд и на трите девојки им понудил да ги нарече свои деца, да им даде големо богатство, раскошен и удобен живот, само да се откажат од својата вера и да им се поклонат на боговите владатели на вселената. Во спротивно им се заканил со жестока смрт.

На тоа трите девојки без страв, а со голема решителност во еден глас му одговориле:

-Нашиот татко е Богот што живее на небото. Тој се грижи за нас и ние сакаме да бидеме почитувани од Него. Сакаме да бидеме негови вистински деца. Ние само нему му се поклонуваме и ги почитуваме неговите заповеди, а ги презираме твоите богови. Не се плашиме од твоите закани зашто сме подготвени да ги истрпиме големите страдања во името на Исус Христос, нашиот Бог.

Изненаден од таквиот одговор императорот ја запрашал мајката на која возраст се нејзините ќерки на што таа му одговорила:

-Првата Вера е на 12 години, втората Нада има 10, а третата Љубов 9 години.

Императорот дошол на идеја дека со одделни разговори со девојчињата, со ветувања и закани може да ја постигне својата цел. Затоа најпрвин ја повикал Вера, и понудил да и принесе жртва на богињата Артемида, а кога таа одбила ја ставил на тешки страдања и ја погубил. Потоа истото го направил и со другите две најзини сестри Нада и Љубов. Мајката ги гледала страдањата на своите ќерки уверена дека тоа го прават за својот Спасител Исус Христос. Потоа ги погребала заедно и три дена се молела над нивниот гроб, по што и таа ја предала душта на својот Спасител уверена дека оди кај своите ќерки. Тоа се случило во 126 година.

Светата црква и Софија ја прогласила за маченичка бидејќи таа е заслужна за воспитувањето на своите ќерки, а и стрдала заедно со нив додека ги мачел злогласниот император Адријан.

Слични Објави