Двојно помалку пожарникари од потребното – алармантна состојба во противпожарната заштита во Македонија
Во екот на летото и најавените екстремни жештини, Македонија се соочува со сериозен недостиг на пожарникари, стара и нефункционална опрема, и целосно отсуство на тренинг-центар за обука. Иако Законот за противпожарна заштита предвидува еден пожарникар на 1.500 жители, во земјата моментално има помалку од 400 пожарникари, што е двојно помалку од потребното.
„Ова е првата и најголемата болка која што ја имаме во општините“, истакна Душица Перишиќ, извршна директорка на ЗЕЛС, на конференција за заштита од пожари во Скопје. Таа предупреди дека со постојната состојба, општините функционираат на работ на колапс, со пожарникари кои ги жртвуваат своите животи во борба со огнената стихија, користејќи возила и опрема стари и по пет децении.
Според податоците, во земјава има 34 противпожарни единици кои ги покриваат сите 80 општини и Градот Скопје. Просечната старост на противпожарните возила е 27 години, а половината од околу 300 возила се постари од 30 години. Најдраматичен е примерот во Валандово, каде пожарите се гаснат со ТАМ камион произведен во 1966 година – стар 57 години.
Најстари возила има Старо Нагоричане, со просечна старост на возилата од 39 години. Само 15% од возилата се понови од една деценија, и најчесто се донации од странски амбасади и организации. Токму затоа, тие често не одговараат на македонските стандарди, со различни приклучоци, метрички системи и конфигурации.
Покрај старите возила, уште поголем проблем е недостигот на кадар. Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации од 2023 година покажува дека недостасуваат над 340 пожарникари. Скопје, на пример, има само 190, а според закон треба да има најмалку 405. Куманово, Битола и Тетово исто така имаат значителен дефицит на пожарникари.
Дополнително, Македонија сè уште нема тренинг-центар за обука на нови пожарникари. Перишиќ алармира дека во неколку општини, поради отсуство на критериуми, постапките за вработување се оспоруваат и завршуваат без регрутација. „Нема квалификациски рамки, нема стандарди, нема ниту место каде новите пожарникари ќе се обучат“, рече таа.
Перишиќ го критикуваше фактот што државата дозволува суштинскиот товар за безбедноста да падне на странски донатори. „Срамно е некој од странство да ни помага, кога имаме и знаење и ресурси. Централната власт мора да преземе одговорност“, рече таа.
Во септември, ЗЕЛС ќе одржи состанок со донатори и амбасади за координација на донации. Но, според Перишиќ, тоа не е долгорочно решение. Таа апелираше за итна интервенција од централните институции, како ЦУК и ДЗС, кои мора да се координираат и да обезбедат системска поддршка.
Во услови на климатски промени, високи температури и зачестени пожари, ситуацијата станува критична. Пожарникарите работат со лоша заштитна опрема, стари чизми и униформи, кои често сами си ги набавуваат или ги добиваат преку општински импровизации.
Македонија итно мора да инвестира во модерна и безбедна противпожарна инфраструктура, стандардизирана обука и соодветни услови за работа. Во спротивно, ризикуваме трагедии како таа во Кочани да станат сè почести, предупредуваат експертите и пожарникарите на терен.



