Вртолум денот кога се врти Сонцето – што вели традицијата и што не смее да се прави
На 24 јуни, според новиот календар на МПЦ се одбележува Вртолум – древен празник што се смета за ден кога „сонцето се врти кон зима“. Овој ден е натопен со верувања, преданија и длабоки народни мудрости, и се поврзува со светите апостоли Вартоломеј и Варнава, чии животи и страдања христијанството ги чува како сведоштво за верата.
Но, во народното предание, токму вртењето на сонцето го прави овој ден особен и тежок. Се верувало дека на Вртолум сонцето запира, се врти и тргнува наназад – кон зимата. Луѓето рано станувале, го набљудувале изгрејсонцето, верувајќи дека дури може да се види моментот на тоа „вртење“. Во некои краишта, како Радовиш, дури и овчарите според знаците од природата го прогнозирале времето за целата година, гледајќи во облаци, ветер, бојата на небото и силата на сонцето.
Вртолум во Гевгелиско, Кумановско и Охридско се сметал за празник на промени – од лето кон зима, од топлина кон студ, од живот кон мир. Земјоделските работи се прекинувале, не се сеело, не се орало. Постојат и запишани преданија, како она на Кузман Шапкарев, каде што непочитувањето на Вртолум довело до вистинска природна катастрофа – силни виулици кои казниле сè што работело на тој ден.
На оваа симболика се надоврзува и името „Вртолум“, како адаптација на апостол Вартоломеј – оној што го „врти“ времето. Традицијата го поврзува овој ден со тежина, но и со почит кон природата и нејзините циклични закони. Во некои делови од земјата, како Сливовски Анови во Дебарца, се одржувале дури и народни собири, кои го славеле овој важен ден од годината.
Се вели дека Свети Вартоломеј е чуварот на земјоделските култури, и строго внимава дали луѓето го почитуваат денот. Доколку некој ора или сади, се верува дека културите ќе му бидат уништени, а плодот – изгубен.
Дополнително, постојат и верувања дека децата не треба да се качуваат по дрвја, за да не се повредат, ниту да се капат во реки, поради зголемен ризик од несреќи.
Во некои српски краишта, особено во Шумадија, Свети Вартоломеј се смета за заштитник од епилепсија, и на овој ден болните одат во манастирите за да се помолат и да побараат исцеление.
Иако денес често заборавен, Вртолум останува симбол на длабоката врска меѓу народната култура, верата и природата – сведоштво за тоа колку многу нашите предци знаеле да го набљудуваат светот околу себе.