Македонија слави 33 години независност

Република Македонија денеска одбележува 33 години од успешно спроведениот референдум на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава, по одделувањето од поранешна Југославија.

 Под слоганот „Заедно се бориме, заедно ќе успееме!“ денеска со повеќе активности во организација на Владата, се одбележува Денот на независноста – 8 Септември.

По стекнувањето независност, Македонија си постави некои стратегиски цели, од кои најзначајни се членството во Европската Унија (ЕУ) и во НАТО.

Со убедливо мнозинство, 95,3 % од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски македонски Парламент ја усвои на 25 јануари 1991 година. Следен важен чекор во зацврстувањето на државата беше усвојувањето на новиот Устав на 17 ноември 1991 година. Меѓународно ­правниот субјективитет на државата дефинитивно беше потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија беше примена за 181. полноправна членка на светската организација.

Низ 33-годишното самостојно опстојување, државата помина низ низа проблеми и тешкотии, инфлација на почетокот на 90-те години, грчкото ембарго, косовската бегалска криза и конфликтот во 2001 година беа вистински предизвици и закани за младата македонска држава што го забавија нејзиниот пат.

Наша должност е да ја сочуваме слободата, независноста и самостојноста на Македонија и сите како еден, да дадеме несебичен влог во креирањето промени кон светла иднина, пред се за младите кои се иднината на Македонија.

Нека ни е честит и вековит Осми Септември, Денот на независноста!

Слични Објави