Електронски извод за новороденче за само 48 часа – Новиот систем „е-бебе“ стартува од јануари 2026 година
Нема повеќе редици и чекање по шалтери – од јануари 2026 година, родителите ќе можат електронски да го добијат изводот за своето новороденче, директно во болницата, во рок од најмногу 48 часа по породувањето.
Како што информираат од Министерството за дигитална трансформација, барањето ќе се поднесува преку Националниот портал за услуги – uslugi.gov.mk, а документот ќе биде автоматски издаден од Управата за водење на матичните книги.
Министерот Стефан Андоновски изјави дека проектот „е-бебе“ во првата фаза ќе функционира во сите јавни здравствени установи, а во план е системот наскоро да опфати и приватни болници.
Проектот е реализиран со поддршка на канцеларијата на УНИЦЕФ, а преку него се поврзани повеќе институции: Министерството за внатрешни работи, Управата за водење на матичните книги, Министерството за здравство и Управата за електронско здравство.
„Со новиот систем се овозможува целосно автоматизирано пријавување на новороденче – без хартиени документи, без шалтери и без непотребни процедури“, соопштија од Министерството за дигитална трансформација.
Во втората фаза на проектот, која треба да се реализира до крајот на 2026 година, ќе бидат поврзани и услугите од Фондот за здравствено осигурување и Министерството за социјална политика, демографија и млади – за автоматско активирање на здравственото осигурување и правото на парична помош за новороденче.
Со воведувањето на „е-бебе, Македонија прави значаен чекор кон дигитална администрација и олеснет пристап до услуги за новите родители.



