ПОЧНУВА НАЈГОЛЕМОТО СУДЕЊЕ ВО МАКЕДОНИЈА: ЌЕ ПОБЕДИ ЛИ „ЌЕ СРЕДИМЕ“ ИЛИ ПРАВДАТА?
Утрово, во тешка и мачна тишина, започнува најмасовниот судски процес во историјата на Македонија – судењето за катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, каде на 16 март згаснаа животите на 63 млади луѓе и деца. Родителите на загинатите, скршени од болка и правда која со години ни бега, пристигнаа уште рано наутро.
Ова судење е тест за државата: ќе се распадне ли под товарот на системот „уживај, ќе средиме“ или конечно ќе покаже дека законите важат за сите? Обвинителството јасно потенцира – не се работи за несреќен случај, туку за последица на години игнорирање на прописите, погрешни одлуки и системски пропусти.
Под обвинение се 35 лица и три правни субјекти, за кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, за кое максималната казна е 20 години затвор. Меѓу обвинетите се поранешни министри, градоначалници, директори, инспектори и одговорни лица во фирмите поврзани со ноќниот клуб.
Паралелно, во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција се води посебна истрага за околу 20 полициски службени лица во врска со трагедијата која ја потресе целата земја и доби внимание од светските медиуми.
Пред судницата во Идризово, роднините стојат зад полициската ограда и со вознемирен поглед го следат секое полициско возило, надевајќи се дека ќе ги видат обвинетите. Но, новата судска сала е изградена по современи стандарди – обвинетите се внесуваат од задната страна, подалеку од очите на јавноста.
Ова судење е раскрсница: дали конечно ќе има правда, или ќе продолжи владението на полуписмени партиски моќници за кои функцијата е само момент на внимание, важност и поклонче?
Или, како што велат младите – ова ни е „или ќе не биде“, или е време да фаќаме пешки кон аеродром.



