„Македонска пошта“ со 100 нови возила ќе го забрза доставувањето на пратките
Вкупно 100 нови товарни возила се набавени за потребите на „Македонска пошта“, со цел да се подобри функционирањето и ефикасноста во доставата на пратки. Од нив, 90 се пикапи, а 10 комби возила, наменети за секојдневно работење на терен.
Набавката ја промовираа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, премиерот Христијан Мицкоски и директорот на „Македонска пошта“ Орхан Куртиши.
Според Николоски, оваа инвестиција претставува значаен чекор кон трансформација на претпријатието во модерна, профитабилна и конкурентна институција.
– Набавивме 100 товарни возила за да овозможиме пошта нормално и без проблеми да ја извршува својата основна функција. Нашата цел е да изградиме профитабилна и конкурентна пошта која ќе понуди најквалитетни услуги на пазарот – истакна Николоски.
Тој потсети дека во минатото постоеле иницијативи за приватизација на ова јавно претпријатие, но нагласи дека сега фокусот е ставен на негов развој и модернизација.
Новите возила, како што појасни, ќе придонесат за побрза достава на пратките. Малите возила се со носивост до 750 килограми, додека комбињата можат да транспортираат до 1.800 килограми.
Особено беше истакнат и финансискиот аспект на набавката. Од првично проценета вредност од 130 милиони денари без ДДВ, со електронска аукција цената е намалена на 104 милиони денари, што претставува заштеда од околу 25 милиони денари, односно над 400.000 евра. Просечната цена по возило изнесува околу 15–16 илјади евра.
Министерот најави дека во наредниот период се планира дополнителна модернизација на „Македонска пошта“, вклучително и набавка на нов софтвер и современа сортирка, што ќе ја позиционира како една од најмодерните поштенски институции во регионот.
Воедно, беше нагласено дека и покрај либерализираниот пазар, „Македонска пошта“ останува единствениот оператор што обезбедува универзална услуга – достава на пратки до секое населено место во државата, без разлика на неговата големина или оддалеченост.
Со овие инвестиции, надлежните очекуваат подобрување на квалитетот на услугите, зголемување на ефикасноста и намалување на трошоците, како и подобрување на финансиските резултати на претпријатието.


