До 18 август е рокот за пријавување на државните возила во регистарот на ДКСК
Државната комисија за спречување на корупцијата потсетува дека 18 август е крајниот рок за пријавување на сите државни возила во специјалниот регистар. Обврската се однесува на возила што се во сопственост или користење на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија, како и други правни лица кои располагаат со државен капитал.
Заклучно со денешниот ден, во Регистарот на возила веќе се евидентирани повеќе од 380 службени возила. Регистрацијата се спроведува согласно одлуката на ДКСК за зголемена транспарентност и отчетност во периодот пред претстојните локални избори, закажани за 19 октомври.
Целта на овој процес е јавноста да има јасен увид во тоа кои институции располагаат со државни возила и на кој начин тие се користат, со што се спречува можната злоупотреба на јавни ресурси во изборниот процес. ДКСК апелира до сите обврзници кои сè уште не ги доставиле потребните податоци, тоа да го сторат навремено, со цел да се избегнат законски санкции.



