Одложено рочиштето за „Пулс“ – обвинетите без интегрирано обвинение, јавноста будно следи
Судијката Дијана Груевска-Илиевска, која претседава со судечкиот совет во предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“, го одложи рочиштето закажано за утре и ново закажа за 2 декември. Причината – дел од обвинетите сè уште не го добиле интегрираното обвинение, па не можат да се изјаснат за вина, ниту нивните адвокати да одржат воведни зборови. Дополнителен проблем е и тоа што немало доставено имиња и адреси на законските застапници на дел од оштетените.
На првото рочиште судијката донесе решение за формално спојување на обвинението против сопственикот на агенцијата „Рубикон“, Александар Нацев, со главното обвинение. Адвокатите реагираа дека станува збор за целосно нов документ, а не само обединување на две обвиненија. Посочија дека доказите се хаотични, ненумерирани и не се совпаѓаат со листата на материјали.
Судот делумно ги прифати приговорите, но истакна дека интегрираното обвинение не носи нови дејствија, нови оштетени или нова правна квалификација – туку само прецизирана временска рамка за секој од обвинетите.
Пред денешното рочиште, граѓанската иницијатива „Кој е Следен?“ одржа симболична акција пред Кривичниот суд. Десетици поставени „очи“ пред влезот испратија порака дека јавноста внимателно го следи процесот и бара правично, независно и транспарентно судење.
Организацијата порача дека ќе остане активна и ќе реагира секогаш кога ќе постои ризик правдата да биде нарушена.



