Во Прилеп почнуваат чествувањата за Карпалак
Со пригодна програма во организација на Здружението на учесници на Карпалак и Општина Прилеп, на 7 и 8 август ќе биде одбележана 24-годишнината од трагичната смрт на десеттемина прилепски бранители, резервисти на АРМ, кои загинаа во напад на армискиот конвој кај месноста Карпалак на 8 август 2001 година.
Обележувањето започнува вечерва (7 август) од 18:00 часот со полагање свежо цвеќе пред споменикот во касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп. Од 19:00 часот ќе се положи цвеќе и на споменикот во селото Лениште, а потоа ќе се одржи и вечерна богослужба во манастирот „Св. Петка“.
Централното чествување е предвидено за утре, 8 август:
- Во 06:00 часот ќе се појде организирано кон Карпалак од пред старата општина во Прилеп.
- Од 07:30 часот ќе се положи цвеќе на гробиштата на загинатите борци.
- Во 10:00 часот ќе се одржи панихида во храмот „Св. Петка“ на Точила.
- Во 13:00 часот, на споменикот „Карпалак“ во центарот на Прилеп, ќе се одржи централната манифестација.
На чествувањата ќе учествуваат семејства на загинатите, претставници на институции, здруженија, граѓани и делегации кои ќе им оддадат почит на:
Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски.



