Какви казни носи „Сејф сити“ ?
По изгласувањето на измените на законите, од 1 февруари 2026 година официјално почнува да функционира системот „Безбеден град“ (Safe City), преку кој сообраќајните прекршоци ќе се евидентираат и санкционираат автоматски, со помош на камери и дигитални сензори поставени низ целата држава.
Новиот систем предвидува автоматско казнување за четири видови сообраќајни прекршоци, со јасно утврдени фиксни казни согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци.
Пречекорување на дозволената брзина
Казните зависат од тоа за колку километри е надмината дозволената брзина:
– до 20 km/h над дозволеното: 20 евра
– од 20 до 30 km/h: 45 евра
– од 30 до 50 km/h: 300 евра и забрана за управување од 3 до 12 месеци
– над 50 km/h: 400 евра, 4 казнени поени и најмалку 12 месеци забрана за управување
Во населено место казните се значително построги и може да достигнат и 500 евра, со задолжителна забрана за управување.
Минување на црвено светло
За минување на црвено светло системот автоматски ќе изрекува:
– 250 евра парична казна
– забрана за управување со моторно возило од 3 до 12 месеци
Доколку прекршокот предизвика опасност или сообраќајна незгода, следува и кривична одговорност.
Истечена регистрација
За управување со возило со истечена сообраќајна дозвола или регистрација:
– 100 евра казна за возачот
– 250 евра казна за сопственикот на возилото, доколку е друго лице
Овој прекршок ќе се утврдува автоматски преку поврзување на системот со регистрите на МВР.
Непрописно запирање и паркирање
Камерите ќе санкционираат и непрописно паркирање и запирање:
– 30 евра за стандарден прекршок
– 45 евра ако се попречува сообраќајот
– 50 евра ако возилото е паркирано на место за лица со попреченост
Во случаи кога возилото претставува ризик или го загрозува сообраќајот, ќе следува и подигнување со пајак-служба со дополнителни трошоци.
Попуст за навремено плаќање
Доколку казната се плати во рок од осум дена, се плаќа 50 проценти од износот. По истекот на рокот, казната се наплатува во целост, со можност за присилна наплата.
Одземање на возачка дозвола
Возач кој ќе добие три забрани за управување во рок од четири години автоматски ја губи возачката дозвола. Повторно полагање е можно најрано по една година.
Со стартот на примената на системот „Безбеден град“ од 1 февруари 2026 година, во Македонија стапува на сила нов начин на санкционирање на сообраќајните прекршоци, каде што казните ќе се изрекуваат автоматски врз основа на видео и електронски докази, без класични полициски контроли.



