Денеска се чествува свети Климент Охридски Чудотворец


Македонија денес го чествува св. Климент Охридски, најистакнатиот ученик на солунските браќа св. Кирил и Методиј и учесник во извршувањето на познатата Моравска мисија. Свети Климент  е основач на познатата Охридска книжевна школа која е наречена уште и прв словенски универзитет, каде што се образувале над 3 500 ученици. Паралелно со црковната и со педагошката дејност се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишува авторството на опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа.



Се претпоставува дека св. Климент е роден околу 830/840 година. Потекнувал од царски род. Во младоста отпатувал на Исток, каде што се запозна со верата во Христос. Учители му биле самите апостоли. По враќањето во Рим бил избран за епископ во престолниот град. Подоцна, во времето на императорот Трајан, свети Климент бил протеран во Херсон, каде бил осуден на смрт и фрлен в море со камен околу вратот. Пострада за Христа во 101 година. Своевремено, неговите мошти ги пронајдоа светите браќа Кирил и Методиј и ги пренесоа во Рим.

Свети Климент починал во Охрид, во 916 година.

Главните извори за животот на Климент се два средновековни документа напишани на грчки јазик. Постариот од двата документа е воедно поддетален и претставува всушност житие за Климент напишано од Теофилакт, архиепископ охридски.

Најголемиот дел од моштите на Свети Климент Охридски се чуваат во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид.

Остатоците од черепот, пак, се чуваат во грчкиот манастир „Свети Јоан Продром“ кај Бер, денешна Верија, Грција.

Според сознанијата, тие се таму веќе седум века, откако двајца монаси ги зеле во моментите кога целосните мошти биле префрлувани од охридскиот храм „Свети Пантелејмон“, кој турските освојувачи го претвориле во џамија, првин во црквичката „Мал свети Климент“, а потоа во „Света Богородица Перивлепта“.

Тие потоа главата веднаш ја однеле во овој манастир, кој е сместен на височините на планината Пиерија, во близината на градот Бер, односно, Верија, според сегашното грчко име.

Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија велат дека тоа што моштите на Свети Климент се наоѓаат во Охрид е заштитно обележје за темелите на Охридската архиепископија.

Со одлука на Владата, од 24 јануари 1991 година црквата „Перивлепта“ повторно ѝ е вратена на МПЦ, а по повод тој настан на 10 септември 1991 година била донесена одлука моштите повторно да се вратат на старото место, односно на празникот Сите македонски светители да се вратат во Охрид и свечено да бидат внесени и положени во црквата „Свети Климент“, кога ќе биде и преосветен овој храм. Тогаш архиепископ на МПЦ бил г.г. Гаврил.

Но со обновувањето на Климентовиот храм на Плаошник во 2002 година, со архијерејска одлука на Синодот на МПЦ, решено е со свечена литија моштите повторно да се преместат и постават на историското место на првиот Климентов храм посветен на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, каде што се наоѓа и гробот на свети Климент.
Моштите и денес се таму, а на Климентовите празници, кои кај народот се познати како летен и зимски свети Климент, се отворени и поставени за поклонение и молитва во централниот дел на храмот.

Слични Објави