НА ДЕНЕШЕН ДЕН Е УБИЕН Мирче Ацев
На денешен ден, во 1943 година, во злогласниот Скопски полициски затвор, ѕверски е мачен и убиен од бугарските фашисти Мирче Ацев – еден од најголемите херои на македонскиот народ.
Мирче Ацев потекнува од истакнато револуционерно семејство – семејството Ацеви. Тој е син на комитата Дончо Ацев и внук на неговите стриковци, војводите Ѓорѓи, Петар и Мирче Ацеви. Своето име го добил во спомен на стрико му, војводата Мирче Ацев, кој загинал во 1901 година во судир со турскиот аскер.
Мирче Ацев е брат на партизаните Вера и Димче Ацеви, со што целото семејство оставило длабока и неизбришлива трага во македонската револуционерна и антифашистичка борба.
Заедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. Сосема случајно бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес, заедно со Страшо Пинџур. Од Велес бил пренесен во злогласниот Скопски полициски затвор. Директни сведоштва за мачењето и убиството на Мирче Ацев, дава началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.
“Тој одби да даде какви и да било податоци за својата дејност, па поради тоа го тепавме за да изнудиме од него признание. На неколку наврати беше жестоко тепан по табаните. Нозете му беа ужасно отечени… Се чудев како може да поднесува толкаво тепање без збор да каже. Тој беше затвореник кој беше најмногу мачен, а се покажа најцврст. Едвај одеше и ми рече дека повеќе ништо не чувствува во нозете, бидејќи му беа претепани. За сето време додека беше тепан не викаше, не испушташе ниту еден збор. Околу 6 часот приквечер јас, Христо Стоилов и Васил Цанков седевме во кабинетот на Цанков. Токму во тоа време дојде агентот Крум Панков и му се обрати на Цанков со следниве зборови:
“Господине началник, Мирче Ацев е во многу тешка положба, умира.” Тогаш Цанков рече: “Добро, појди таму”.
Бидејќи Крум Панков излезе, Цанков ми рече: “Кажи му на Симеонов (директор на Обласната полиција) дека сам се убил. Тоа и го сторивме”
Народноослободителната војска на Македонија го добил неговото име. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Роден е во селото Ореовец, Прилепско, на 26 септември 1915 година.



