Дали е добро „овците“ за овчар да прогласат овца?

Нема потреба да прашаш, сами кажуваат. Оти да им го реметиш мирот на луѓето? Знаат тие. На болниот му зборуваат за здравје, на сиромајот за плати и џабалебарси пари, на пензионерот за евтини лекови, на студентот за бесплатен лап топ, на спортистот за поддршка, на земјоделецот за „бесплатни“ субвенции.

За важни работи не муабетат, оти, и не знаат и ќе се изгубат во објаснувањето. Работите се врзани како свински црева, па едно влече друго, а и ќе се замериш со некоја струка, политика, образовани – необразовани, селани – граѓани, Албанци – Македонци, антички, Словенски… Вака, сите добиваат, односно губат, но нема врска, кога сите мислиме дека е сè веќе изгубено и продадено. И наеднаш оп!!! Уште нешто ново е загубено, дали има нов правописен фаул, нов „странцизам“, нова изјава дека сме биле Бугари, не сме биле Словени, нова судска и обвинителска мајмунштина, те патот го украле и свлечишта го покриле, те камен темелникот останал таков, со плевел покриен, те пак Македонците „загубиле“ уште една функција во епската битка со Албанците, како Македонците на власт да се „избор дружина“, а Албанците „неписмени, но галени морончишта“, кои сè искрадоа, или губиме идентитет, оти слушаме босанско – српски турбо фолк, како нашиот „австралиски мелос“ да е бахова фуга… Ако е сè запустено, изгубено и продадено, што се секираш? Под нула не се оди.

Или се оди?

Зошто да те замараат со работи што ниту ти, ниту тие ги разбираат? Дали е прва кокошката, па јајцето или е обратно – ирелевантно е. Што треба сега? Да се зафатат со прашањето зошто младите се исселуваат? Да почнат да бистрат зошто се факултетите ќофте, судот – банда, а дипломираните дупиња?  И тоа не е најсложеното.

Ајде зафати се со предизборните понуди и барајте што има во нив, а што нема. Таму нема скоро ништо. Празно множество и глупост до глупост. Дупките во нивната приказна се толку големи, што личат на скината мрежа, од која останале само конци од асфалтирани патчиња и јазли од по некое амбуланте, градинче, мовче и автобуска постојка. Во таа мрежа се фаќаат само неуки кленови како нас, затоа што насила сакаме да се замоткаме во остатоците од мрежата со сељачко паметување и вртење во место, не оти поддржуваме нешто, туку да му покажаме на комшијата од „другите“. Мислите дека она „лет во место“ е мудра досетка, колку да се продаде драмата? Не, суштина е!

Еве, прочитавте негде дека нешто ќе се стопира, казни, некои ќе бидат избркани од работа оти не работат или дека не знаат да работат, дури и да пробаат, дека ќе се воведе државен испит, кој ќе го полагаме пред странски независни комисии, за да провериме дали им се потврдите за Англиски или Германски јазик купени на Битпазар, или стекнати со мака и вистинско полагање, или дали имаме блага врска од струката – за која примаме плати? Прочитавте негде дека ќе има задолжителен испит за администрацијата, вработените на државни јасли или професорите на универзитетите? Да не прашаш за ваква општествена  „дупка“, кога и „ќор гледа“ дека сето ова ич не штима, е барем нелогично. Ниту некој праша, ниту некој одговорил.

Дупка – до дупка во тоа предизборните програми, ко од пајажина сплетени, а ние народот, како Ангелејца што се чудела колку деца има, одиме и се чудиме, игнорираме, се лижеме и типуваме кој ќе дојде на власт, за да „свршиме некоја работа“ или да се удомиме на државни јасли. Не прашувајте и не повишувајте го стандардот на понудите со чудни прашања, како на пример „што ме маткаш овде со патчиња, пензичиња, вработување…“ Кажете што ќе направите децата да не се исселуваат, или, ако не знаете, кажете дека тоа ќе го препуштите на пазарот и слободното организирање, но тогаш не заборавете да кажете како ќе го ослободите стопанството од државните канџи, како ќе ја уништите нелојалната конкуренција – воспоставена и одржувана со тоа лиценците, царината, тајните служби, непочитувањето и ограничувањата на приватната сопственост (како на пример со урбанистичките планови), политичкиот рекет и ѓоа слободното коморско организирање. Ако партиите не знаат како, што не е грев, треба да ветат намалување на даноците и државниот апарат и ослободување од државниот имот, за парите и моќта да ги вратат на теренот. Ако знаат како, нека изложат во програма. 

Ете, тоа е. Нема да гледаме програма, туку само дупки во програмите. Таква програма нема да видиме, ниту ќе знаеме да ја прочитаме и процениме. Нашите стравови од промени ќе нè натераат да гласаме за истите наши мачители, кои нѝ се браќа по моронизам, сељаштво и неукост.

Програма без огромни дупки нуди визија за решавање на најголемите проблеми и начин како таа да се оствари. Нашите професори не можат ниту да се приближат до таквата задача, а камоли политичарите. Затоа им е „широко околу вратот“ и на едните и на другите и живеат во својата квазистручност. Во тој поглед, разликата од професорска мудра глава, до последната овчарска, е колку врв од игла и тоа е тешка невоља, за нацијата, затоа што професорот мора да биде инжинер на водена промена, а не благоглаголив хохштаплер, кој повикува на верба и на слушање приказни за мали деца. Сѝ имаме попови и оџи за тоа, што велат „верувај, не гледај и не суди“.

Подобро да не сѝ го реметиме мирот, оти нашите проблеми се неверојатно сложени, но сепак се сведуваат на една икона: тешко на народ, кога „овците“ за овчар бираат овца. Да е волк, ќе изеде стотина и ќе се засити, но овцата, во својата безгрижна глупавост и страв, грижејќи се само за себе, ќе го уништи целото стадо.

Затоа децата нѝ се исселуваат, оти токму ова го знаат. Не бараат тие простачки идеал – како што сите ние сакаме, туку визија. Нека е најлоша, но барем да ја има.

Слични Објави