Филмот „Утре наутро“ премиерно во кино „Мис Стон“ на 6 декември
Во сабота, на 6 декември 2025 година, со почеток од 19:00 часот, во киното „Мис Стон“ во Прилеп ќе биде прикажан македонскиот долгометражен филм „Утре наутро“, во режија и по сценарио на Јани Бојаџи.
Влезниците за проекцијата се веќе во продажба на билетарницата од киното и ќе можат да се купат денес (четврток) и утре (петок) од 10:00 до 13:00 часот, како и од 17:00 до 19:00 часот, а во сабота – еден час пред почетокот на филмот.
„Утре наутро“ е македонски филм од 2025 година кој носи приказна за човечките избори, последиците од одлуките и внатрешните судири меѓу личната вистина и општествениот притисок. Проектот е реализиран паралелно и како долгометражен филм и како мини-серија од 5 до 6 епизоди.
Приказната ги следи судбините на две жени – млад лекар и сопруга на поранешен премиер – кои се обидуваат да избегаат од притисоците на американската влада и европските дипломати. Во атмосфера на политички игри, моќ и влијание, тие се борат за опстанок во мала земја во источна Европа.
Во филмот играат: Нина Деан, Ирена Илиевска, Кети Дончевска-Илиќ, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Васил Зафирчев и други.


