Со врски, но „без врска“
Иако со врски, сите се без врска. Кај ли ги најдоа – ако ги најдоа? Да нè не се најдени, туку одгледувани? Како бројлери, по шема. Да не им ги дадоа однекаде, од некоја туѓа фарма? Да не се тоа ситните слуги на сопствениците на нашиот опљачкан државен капитал?
Многу прашања, многу одговори и сите на климави нозе, а скроз точни.
Перпетум мобиле.
Исти скроз! Како јајциња во хартиена табла, 3 пати сортирани, па оставени на сонце да „созреат“ и да се расипат. Ај што ги наоѓаат сортирани, но кој е селекторот? Како не успева ниту еден „несортиран“ да се провлече во шемата? Кој ли е тој систем на толку бравурозната селекција, што ги одбива поинаквите, ги препознава неодбиените, ги натерува уште еднаш да размислат и да се повлечат самите. Каков ли непогрешлив систем, кој ги натерува прокопсаните уште на старт да сфатат дека „нема да ги играат“, дека „ќе ги вртат во круг“, додека не ги исшутираат и дека, и ако се одбрани, „тука се да изгорат“. Што механизам ќе беше тоа да „работи“ и во партија и во институции и во универзитети и во јавен живот и во судство и обвинителство и во правобранителство и во инспекторати и во култура и во економија и во синдикално и во коморско организирање? Каква универзалија ќе беше тоа секого со став и сопствена мисла да го избрка во странство или да го натера на автоцензура и илегала?
Толку ли се моќни Американчињата или Европејчињата, па да можат со стодрам кадар да водат така темелни процеси на негативна селекција на сите страни? Еве, прашајте кого сакате и ќе ви каже: „Не е до нас, до странците е, тие ги поставуваат дебилните кадри“. После секоја катастрофална кадровска одлука на партиите, тие пуштаат „тивка кампања“ дека изборот бил од странците, а не од нас.
Навистина, на прсти се бројат вработените во тоа амбасадите, за да можат да контролираат цели сектори, министерства, бизнис процеси, судство и обвинителство и универзитети, а ако ги прашате партиите заради што бираат толку алосани кадри за функционери, што човек се праша да не се овие тука за утовар – растовар, тие покажуваат со главата нагоре и очите ги вперуваат кон небото, но не мислат на Бога, туку на некоја амбасада, посебно на дежурниот виновник – Америчката амбасада. Џабе им е ним што излегуваат јавно да укажат на грешните кадровски решенија. Џабе им е што во извештаите јасно наведуваат дека сме надвор од прописниот пат. Џабе им е што велат дека „бегот што го одбравте не го бидува“.
И ние знаеме дека „Селанцец бег не го бидува а и да го биде не го личи“, како што вели старата народна. Ние сме многу по „народните“, но овде не функционираат! Ем селанчишта, ем бегови, ем не ги личи, ем никому гајле не му е. Мува не ги лази, ниту за лик, ниту за дело, ниту за купишта загазници. Да е грешка – не е! Поинакви ниту видовме, ниту чувме. Цело време како излезени од 2 табли јајца, но од ист куп. Разликата минорна и во финеси, а суштината иста до болка: расипани дебили, кои не знаат дека можат да украдат и без толку кобни последици по државата.
Дека не се тука задолжени „странците“, гледаме и по нивните стравови. Тие мошне загрижено гледаат на тоа една земја да не стане „извозник на нестабилност“. Тоа значи дека, ако корупцијата ја надмине способноста на државата да се справува со корупцијата, државата станува нестабилна и почнува тоа да го „извезува“ во другите делови на Европа. Ете, имавме маса примери од кои на „странците“ им се дига косата на главата. Нестабилната царина ќе пропушти оружје, со кое може да се дигне некоја европска институција во воздух или да се „симне“ некаков авион. Кога шверцот ќе стане неконтролиран, голем дел од стоката може да заврши во Европа, а сигурно не се работи за часовници или вреќи со шеќер. Кога имаме сиви зони кај нас – без контрола од државата, а ги имаме, може да се створат и оперативни штабови на терористи, кои вежбаат во „ветената земја“. Тие сигурно не се тука да ја дигнат во воздух пругата од Скопје кон Велес, туку би целеле на некоја европска пруга. Или уште попросто, кога некому, кој е на сите можни „црни листи“, ние му издаваме пасош, тоа не е за да преминат од Македонија во Србија, или на Косово, туку во Европа, нели? Па уште кога цели единици „ловџии“ со калашњикови и лансери за ракети ќе се прошета од друга држава, за да заврши во Куманово, на странците не можеме да му „продадеме приказна“ дека се тоа лоши чичковци, кои дошле овде да ги штитат своите браќа и дека „некако“ поминале граница. Тие добиваат критики од своите држави дека „џабе се тука, кога такви работи се случуваат“ и што веројатно тука има и уште нешто – за кое не јавиле дека го има, дали терористи, финансиери на терористи, трговци со дрога, оружје, бело робје, интернационални перачи на пари, фантомски компании за „луфтирање“ на санкции кон држави, хаб на убијци, првенци на верски фанатици, што?
Сето ова го бидува кога не постои долна граница на негативната селекција на кадри, односно, кога си „со врска“, но без врска. Тоа нашите не го знаат, а странците го знаат напамет, барем тие со дипломатско образование и кариера. Токму затоа тие не сакаат „селани“ (читај „сељаци“), кои немаат ниту елементарна свест за долна граница, ниту елементарно чувство за ниво, припадност и „црвена граница“, затоа што знаат што следи. „Нашите“ не знаат дека странците го гледаат капацитетот на државата и преку кадрите: по вештини и знаења на владеење, по нивната свесност за долната дозволива граница за кршење на европските и америчките вредности и по степенот на загрозување на нивните интереси. Кога доволно ќе ги уплашиме и разочараме, нивните грантови ќе ги заменат рестрикциите, кои ќе одат до граница на неподносливост, односно, до санитарен коридор околу нас, за да го натераат просечниот државјанин на нашава „лепота“ да стане, да го заборави рачунџиството и ситното калкулантство и да побара други стандарди на кадри. Како тоа се прави, подобро да не муабетиме, но само да споменеме дека никаде досега не е направено без крв, од едноставна причина што „новите морални лидери“ на ниту еден друг начин нема да можат да излезат напред, освен со рушење на постоечкото потемкиново село Македонија, па јужна или северна – не е битно.
Тоа е и причината што ги повикуваме „врските“, дали банкарски, дали квазибизнисменски, дали политички, дали судски, да почнат да се плашат и тоа машала оправдано, да попуштат малку со назначување дебили на функции (за да можат слободно да крадат), да ги смалат малку барањата за неказнивост и да кочат со „Големите држави“ и етничките агенди, затоа што немаат ниту елементарен капацитет да контролираат „можен развој“ на ситуацијата, која (не дај Боже) ќе го изгори и сувото и суровото, а „пожарникарите“ нема да знаат да помогнат, оти биле „со врска“, па се без врска. Правилото е „дај ми будали, оружјето само ќе дојде“, а второто и поопасно за вас „селекторите“ е: „без оружје крадеш од сиромавиот, наоружаните крадат од богатите“.
Жалам, тогаш границата ќе биде затворена за да избегате со украденото, а становите и бизнис центрите не можете во куфер да ги спакувате.