|

Бракови помалку, разводи повеќе, деца сè помалку: Македонија исчезнува

Очекуваниот животен век во Македонија е зголемен за една година и во 2024 достигнал 76,6 години, но и покрај тоа земјата продолжува да се соочува со сериозен демографски пад. Лани се родиле 16 061 дете, а починале 20 201 лице, што значи намалување на населението за 4 140 жители.

Ова го покажуваат податоците од „Статистичкиот годишник на Македонија 2025“, објавен од Државниот завод за статистика.

Во последните шест години, од 2019 наваму, Македонија континуирано бележи негативен природен прираст. Само за една година бројот на живородени деца е намален за речиси 700 – од 16 737 во 2023 на 16 061 во 2024 година.

Само Скопскиот регион со плус

Позитивен природен прираст во 2024 година е забележан единствено во Скопскиот регион. Највисок прираст имаат општините Сарај (+8,4) и Чаир (+5,5 на 1 000 жители), додека најнизок е во Кисела Вода (-4,2) и Карпош (-3,9).

На ниво на држава, највисок природен прираст е евидентиран во Арачиново (+10,5), Студеничани (+9,7), Сарај (+8,4), Липково (+6,2), Чаир (+5,5), Зелениково (+5,3) и Шуто Оризари (+5,2).

Најголем пад на населението има во Ново Село (-14,8), Новаци (-13,7), Старо Нагоричани (-13,6), Кратово (-12,8), Берово и Чешиново и Облешево (по -10,3) и Росоман (-10,2).

Во Пелагонискиот, Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион негативниот природен прираст е над 4 на 1 000 жители, речиси двојно повеќе од државниот просек од 2,3.

Жените живеат подолго

Просечниот животен век изнесува 76,63 години. Жените во просек живеат 78,86 години, што е речиси четири и пол години повеќе од мажите, чиј животен век е 74,48 години.

Сè помалку бракови, сè повеќе разводи

Во 2024 година бројот на склучени бракови е намален за 1 600 и изнесува 11 066, додека бројот на разводи е зголемен за 259 и достигнал 2 024.

Најмногу разводи на 1 000 бракови има во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион – над 200. Најмногу бракови на 1 000 жители се склучуваат во Полошкиот регион (над 7,5), а најмалку во Пелагонискиот и Вардарскиот (под 5,5).

Причини за смрт

Најчеста причина за смрт се болестите на циркулаторниот систем (36,6%), потоа неоплазмите (19,6%) и ендокрините, нутритивни и метаболички болести (7,7%).

Бројките јасно укажуваат дека и покрај подолгиот животен век, Македонија се соочува со длабока демографска криза, која најсилно ги погодува помалите општини и регионите надвор од Скопје.

Слични Објави