2 јануари – Свети Игнат, народното верување
Денес, на 2 јануари, се празнува „Свети Игнат“, ден кој во народната традиција има посебно значење. Според верувањата, од овој ден започнува постепено да се зголемува денот, а со тоа и новата животна енергија.
Народните преданија велат дека она што човек ќе го прави или што ќе му се случува на Свети Игнат, ќе го следи во текот на целата година. Затоа се верува дека каков ќе биде денешниот ден, таква ќе биде и годината што следи.
Посебно значење му се придава и на првиот гостин кој ќе влезе во домот. Доколку тоа е млад, ведар и добронамерен човек, се верува дека носи среќа, здравје и бериќет. Во спротивно, според старите верувања, годината можела да биде потешка.
Токму затоа, на Свети Игнат се советува денот да помине во мир и позитивна атмосферa, без кавги, нервози и лоши мисли. Народот верувал дека треба да се направи нешто убаво, да се отворат вратите на домот и срцето за добри мисли и убави зборови.
Како дел од традицијата, се смета дека е добро денот да заврши со читање на книга или тивок разговор со блиските – за, како што велат старите, „умно и мирно да тргне годината“.
Свети Игнат е потсетник дека годината не започнува само со календарот, туку и со начинот на кој го дочекуваме секој нов ден – со мир, љубов и благодарност.



