Преживеаните од „Пулс“ без боледување – законот ги остави без денар додека се лекуваат

Неколкумина од преживеаните во катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани остануваат без примања додека се на боледување, бидејќи Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ги одбил нивните барања за надомест на плата поради привремена спреченост за работа.

Причината? Недоволен стаж. Иако се работи за лица со тешки изгореници, лекувани над 40 дена во странски болници, некои од нив биле вработени помалку од шест месеци пред пожарот од 16 март – што според актуелниот Закон за здравствено осигурување, е услов за стекнување право на боледување. Документите што дел од повредените ги испратија до редакцијата на „Слободен печат“ потврдуваат дека од подрачната канцеларија на ФЗОМ во Кочани им е доставено писмено решение за одбивање на барањето, со образложение дека „осигуреникот има здравствено осигурување помалку од 6 месеци пред настанување на случајот, па барањето се одбива како неосновано“.

Оние на кои им е одбиено правото на боледување сега се потпираат на добра волја од работодавачите, кои за сега им исплаќаат плата, но без гаранција до кога тоа ќе трае. Проблемот не ги погоди само вработените во приватниот сектор – меѓу одбиените има и лица вработени во државни институции, исто така без доволен стаж за да го остварат ова право. „Имам изгореници на рацете, не можам ниту да се облечам сам, а не пак да работам. Во болница бев повеќе од еден месец, сега сум дома, но немам ниту денар примање од државата“, вели еден од повредените, кој поради лична безбедност сака да остане анонимен.

Фондот за здравство постапува според закон, но преживеаните апелираат дека ова е исклучителен случај кој бара итни законски измени или донесување специјални владини одлуки. Според нив, нема ништо логично во тоа лице со тешки повреди, со лекарски извештај за неспособност за работа, да остане без приход само затоа што трагедијата го затекнала со „недоволен стаж“.

Правни експерти објаснуваат дека Владата може да донесе уредба со законска сила или да предложи амандман на постоечкиот закон, со кој ќе се дозволат исклучоци во случаи на масовни несреќи. „Ова е ситуација што го тестира капацитетот на системот да реагира со човечност, а не само со формални одредби. Ако не се донесе итна мерка, овие луѓе немаат како да ги преживеат наредните месеци, а ги чека долготрајна рехабилитација“, вели еден адвокат од Кочани кој ги застапува дел од повредените.

Слични Објави