Откриени злоупотреби на над 2.000 хектари државно земјоделско земјиште

Инспекциските контроли откриле злоупотреби на повеќе од 2.000 хектари државно земјоделско земјиште дадено под концесија, а процесот на надзор продолжува со несмален интензитет. Според информациите што денеска беа соопштени во изјавата од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски при денешната посета во Прилеп, дел од земјиштето било користено спротивно на договорите, а забележани се и неправилности во користењето на државни субвенции.

Како што беше истакнато, контролите почнале веднаш по преземањето на новото раководство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

„Од првиот ден на преземањето на Министерството откривме околу 2.000 хектари злоупотребено земјиште, како и злоупотреби на државни субвенции. Контролите на инспекторатот продолжуваат без пауза“, изјави ресорниот министер Цветан Трипуновски.

Државата, во меѓувреме, продолжува со процесот на распределба на земјиште под концесија кон вистинските земјоделци. Петте јавни повици што беа објавени во декември и јануари се веќе завршени, договорите се изготвени и испратени до земјоделците, а нова распределба се очекува во јуни или јули.

Слични Објави