Ако скратиме од буџетот за култура, тогаш за што се бориме? – Винстон Черчил – А, ние во Прилеп…Каде ќе се бориме сега?

Постои една легенда која вели дека во почетокот на Втората светска војна, тогашниот британски секретар за војна Ентони Идн го прашал Винстон Черчил зошто не го зголеми воениот буџет за сметка на средствата што се издвојуваат за уметност и култура. Черчил наводно одговорил: „А за што тогаш се бориме?“

А, ние? Ние во Прилеп? Каде ќе се бориме сега? Каде ќе ги одржуваме културните настани? Каде актерите ќе ги играат своите претстави, каде музичарите ќе ги одржуваат концертите, каде ликовните уметници ќе ги изложуваат своите дела?

КАДЕ ЌЕ ГО ПРЕЧЕКАМЕ Чернодрински оваа година?

Прилепе, те обезличивме, те осакативме, те ставивме на апарати за дишење. Со децении ќутење, траење, мижење, туркање на сметот под тепих.

И требаше да се пеплоса една шупа во Кочани, да пеплоса 59 невини луѓе кои сакале да се забавуваат и да ни ги пеплоса душите на сите, за да излезе на површина  сметот од под сите теписи во Македонија.

Во Прилеп најнатрупани биле тие во Театарот и Домот на култура. Си остана Прилеп на неопределено без зграда за културни манифестации. Војдан е тргнат наваму, а Цепенков со катанец за кој тој нема клуч.

Кога Војдан ќе стигне, Марко ќе го пречека пред врата, како што си е седнат со тефтерот и моливот и… ќе не пцујат, ќе не колнат и ќе запишат „Кога нема кај да се бориш, ќе заборавиш и за што си се борел“

Милан Секулоски

Слични Објави