Чај од коприва и р’ѓосана шајка за железото во крвта
Граѓаните се жалаат дека овие „дупли“ избори им го нарушуваат мирот, во која уживаат во своите болести и нивното лечење и прејадување – за да можат да бидат болни. И на младите им го гушат просторот со тоа ботоксираните програми и ветувања, како ботокси да им фалат во обичниот живот. Барем во форма на рилсови да ги пласираат, наместо во вести. Разбирливо, ако граѓаните не се исселени, ако не се болни, ако не се гладни и ако не се во нашата евтина верзија на „свадба од милион евра“, животот може да биде досаден.
Сега, немасто постови со рецепти за лекување, за готвење, честитање на родендените, јубилеите, дипломите на најблиските – со кои се на иста фотка, сликање на јадењата и пијачките при ретките посети на кафеаните и уште поретките патувања, имаме лукави партиски пропаганди – спакувани во душебрижништво, морални и етички поуки и вчудоневидувања „како тоа може“, па јасно е дека партиите им се мешаат во идилата. Срамота, така да им се мешаш во просторот на тоа купиштата доктори, кои нудат лекување од неизлечиви болести за неколку дена или недели и тоа само со неколку илјадарки за тоа чудотворниот лек, кој стасува по пошта. Зар да им гушиш простор на тоа познатите партиски војници, кои се потполно реални и не шајкалат партија, туку „човештилак“ и не ги колнат противниците оти се противници, туку оти не чинат.
Наместо вообичаеното „земаш кромид, го длабиш и внатре тураш мед, го мешаш со лимон…“ и лечиш од салмонела па до кравјо лудило, читаш за паркови, патишта, еколошки постројки, сали, театри… Аман бре градоначалници, не знаете ли некој рецепт за лекување простата, ако може за два, три дена и ако е без пари? Ами ова не се локални, туку парламентарни и претседателски избори, нели? Оставете ги скопјани да се потрудат со по некој рецепт за подобро утре.
Не, не е дека граѓаните не сакаат да слушаат како виртуално им ги разубавуваат градовите, но не се навикнати. Четири години ни ал, ни абер, а сега наеднаш грижа за граѓаните, за нивниот психофизички и моторички развој, те откриле дека мораат да го подобрат здравството, дека тутунот не бил доволно платен, дека 14.000 денари за пензионерите биле малку… Тоа е, нашла невеста секира зад врата.
Каде е онаа прекрасна „механика“ на болестите, каде на прва топка се нуди: Ракија на гладно срце, за раздвижување на организмот, лажица супена мед за шеќераши, за да почне „да гори“ шеќерот? Ако немаш железо, земај чај од коприва, која е полна со железо и цицај р’ѓосана шајка, оти е и таа полна со железо (разбирливо), а не требаат повеќе ниту антиоксиданси да купуваш, оти е шајката веќе оксидирана. Чиста логика!
Сега има друга „механика“, онаа на цицање весло, која обилно ја нудат партиите, но и партиските непартизирани личности: цицање весло во слободен, напреден и грчко – римски стил. Ама џабе, не е во нашата традиција да цицаме весло, оти не оди со чај од коприва. Во наша традиција е нешто сосема друго, а тоа е партиска незаинтересираност, без оглед што имаме по неколку книшки, но не сакаме на функција, ама мораме, оти нè молат од партија, па како да одбиеме. Дека по цел ден трчаме од партија до партија, од еден партиски „шраф“ – до друг, ветувајќи и послушност и понизност и тело и душа и лајкување и коментирање и колнење на „другите“ и лимфа и крв, никому – ништо. Ние за партии не се интересираме, туку за крвната слика, која ќе ја поправиме со цицање р’ѓосани шајки, со благ прелив од чај од коприва, за да не се брукаме, оти и крвта за власт ќе ја продадеме, ама и да нè мачите – не признаваме, оти сме горди потомци на Бошко Буха, Питу Гули и Ацко Маќедонцки.
Напомена: Пред секоја употреба на шајките консултирајте се со својот лекар.
Александар Цветкоски (Авторот работи на јавно застапување)