(видео) Обвинувања за судир на интереси во Прилеп: Трајкоски бара оставки од советници и одговор од градоначалникот

Никола Трајкоски, сопственик на здружението КМФ „Победа“, на социјалните мрежи објави видео во кое презентира документи за кои тврди дека покажуваат оти советници од мнозинството во Советот на Општина Прилеп добиле средства од општинскиот буџет преку здруженија кои самите ги формирале.

Во објавата, Трајкоски ги посочува советниците Христијан Тунески и Златко Рикалоски, тврдејќи дека нивните здруженија добиле финансиска поддршка од општинскиот буџет, иако тие истовремено се дел од Советот кој ги носи одлуките за распределба на средствата.

Трајкоски упати јавно прашање и до градоначалникот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, прашувајќи дали е запознаен со оваа состојба и дали смета дека постои судир на интереси.

Воедно, тој побара оставка од сите, како што наведе, инволвирани во случајот, оценувајќи дека ваквата практика претставува злоупотреба на јавните средства и нарушување на довербата на граѓаните во институциите.

Засега нема официјална реакција од градоначалникот Дејан Проданоски, ниту од советниците Христијан Тунески и Златко Рикалоски во врска со изнесените наводи.

ОТВ ќе побара став од сите посочени страни и нивните одговори ќе бидат објавени веднаш по нивното пристигнување.

Слични Објави