| |

Воопшто не е компликувано, само да полудиш

Ако имаш пари (НЕ) гради слободно.

Ако општината има или најде пари за некој проект, одма може да гради, но само ако се шегуваме. Така мислеа и од Општина Могила кога изготвија проект за нова градинка, најдоа пари и помислија: Готово е!

Кој ве лажеше?

Ами дека тука, на тоа ледината одсекогаш живееле луѓе? Ами дека е локалитет, кој (прво) треба да се истражи? Додуша, Пелагонија од А до Ш е локалитет веќе 8,9 илјади години и кај да „копнеш“ има локалитет.

И чаре?

Чаре има, но проект за истражување нема. Музејот треба да го направи, па да го пријави до Министерство за култура, па да го одобрат (ако го одобрат), па неколку години истражување, ако прво добијат дозвола од Управа за заштита на културно наследство, па ако даде Господ, ќе биде. Џабе да прашате: „Ами како копаат багерите во Охрид, а музејските експерти гледаат дали имет или немет наоди? Ама Охрид е Охрид, Могила е Могила, а партија е партија. Додека вие да завршите со градинката, децата ќе пораснат и ќе се иселат одовде.

Додека да го биде, можеме (нели?) да го исчистиме теренот за градба.

Ех, да е толку просто. За да исечете неколку дрвја на тоа „теренот“, ќе си ги викнете од Македонски шуми и шумарски инспектор.

Пак прашање: Тие ли ќе сечат? Не, нема. Вие ќе сечете, тие ќе гледаат и шумарскиот инспектор ќе ги бележи дрвјата за сечење, па откако ќе ги пресечете, тој ќе ги печатира трупците за транспорт, па ќе чекате одлука каде да ги однесете трупците и тоа со дозвола, оти ќе ви ги земат и трупците и камионот. Ваше е само да ги намолите да дојдат во ист ден – кога ќе можат, а ретко можат. И тука тајмингот и координацијата, но и партијата „мораат да бидат погодени“.

Значи толку, а?

Како толку! Ако се дрвјата до регионален пат, како што се, надлежност имаат и од „државни патишта“, па и тие ќе треба да дојдат на сеир. Дека тие не доаѓаат ниту кога треба, да ги искастрат гранките од тоа регионалните патишта, па да дошле за оваа прилика, никому – ништо. Ќе ви речат дека тие ниту на автопатите не ги исекле гранките, па сега на некој сѝ регионален пат. Законот е закон, а партијата – партија. На Матка – може, во Охрид – секако, но во Битола и Битолско… троа послабо.

Значи, нема чаре, констатирале. Како нема? Има, има!

Родителите на дечињата нека се иселат во странство, или (барем) до Охрид, па таму нека ги носат децата в’градинка, оти ниту ти ги споменавме проблемите што ќе ги имате во „транспорт без врски“, во „животна средина“ и уште во понекоја институција од тоа многуте агенции, ако нѝ текне.

Погрешна партија е тешка работа, знаеш? Дури и да нема партиски зафрканции, централната администрација „ќе ве искине“ за да почувствуваат дека и тие се власт.

Да се живи баби и дедовци, градинка нема да треба, освен ако археолозите, после дозвола и добиен проект, не ископаат некоја неолитска градинка, па да ја реконструирате – тоа оди побргу.

Александар Цветкоски (Авторот работи на јавно застапување)

Слични Објави