Вандалски чин врз водоводната инфраструктура во Кривогаштани

Ноќта меѓу 14 и 15 јули беше извршено оштетување на јавната водоводна инфраструктура во Општина Кривогаштани, при што непознат сторител или повеќе лица оштетиле два вентили на водоводната мрежа што ги снабдува со вода населените места Годивле и Кореница. Поради инцидентот, привремено било нарушено водоснабдувањето во двете населени места.

Случајот веднаш бил пријавен во Министерството за внатрешни работи, а надлежните полициски и општински служби извршиле увид на местото на настанот и започнале активности за утврдување на околностите.

Градоначалникот на Општина Кривогаштани, Игор Каравилоски, го осуди вандалскиот чин, оценувајќи дека станува збор за сериозно оштетување на јавната инфраструктура со директни последици врз секојдневното функционирање и квалитетот на живот на граѓаните.

„Очекуваме Министерството за внатрешни работи да ги преземе сите неопходни мерки за брзо идентификување на сторителот или сторителите и нивно санкционирање во согласност со законските одредби“, се наведува во соопштението.

Од Општина Кривогаштани информираат дека ќе продолжат тесно да соработуваат со надлежните институции во насока на целосно расчистување на случајот, како и преземање мерки за заштита на јавната инфраструктура, која е од витално значење за локалното население.

Слични Објави