До 13 со Лина Димоска – Писателка и поетеса

  1. Какво дете беше Лина?

Тешко прашање. Најверојатно бев мирно, весело и зборлесто дете. Мајка ми знае да каже дека сум знаела да се заиграм со една играчка. Сакав да играм надвор, да читам приказни, да решавам „Решко“. Чудно, ама сакав да одам на училиште. Сакав да бидам пеачка, па постојано им пеев дома. Може да се рече дека сум била и послушна, сè додека не наумам нешто, после тоа ништо не можело да ме предомисли. Сум знаела гласно да им се восхитувам на нештата околу мене, па до денес има анегдоти за кои постарите ме задеваат.

2. Што би и кажала на 7 годишната ти?

Ништо поразлично или попаметно од она што сум го правела на седум години, да си игра, да се дружи со врсниците, да се радува.

3. Како го чуваш детето во себе?

За мене знам да кажам дека сум големо дете. Ми останала таа навика да знам да се израдувам на ситници. Сум ја задржала и љубопитноста, па сакам да ги набљудувам нештата и луѓето околу мене. Јас сум пресреќна ако ми се падне паричката за Василица. Знам да си купам шеќерна волна, сакам да си разговарам со децата бидејќи се големи личности и од разговор со нив може многу да се научи. Им зборувам на животните и по дома и на улица. Некогаш цртам или бојам. Најново, пишувам сказни за деца. Секој од нас носи дете во себе и наша должност е на тоа дете да му ги исполнуваме малите желбички.

4. Кога ќе чуеш „Книга за деца„ на која помислуваш?

„Златка и трите мечки“ и „Кралот Ал со крпен шал“. Никако не можам да ги раздвојам овие две киги. „Златка и трите мечки“ ја имам дома, како сликовница. Мислам дека мајка ми уште ја знае напамет од што ми ја читала. „Кралот Ал со крпен шал“ ја имам исто така. Таа ми ја купи татко ми кога имав околу седум години и сама да ја читав.

5. „Мачорот Тане“ е твојот прв роман за деца… зошто мачор?

Расказите од „Мачорот Тане“ се напишани на шега, за мојот домашен мачор. Постојано прави некои бељи, сплетки и досетки, па си реков, Тане е супер материјал за приказна. Расказите најпрво ѝ ги читав на сестра ми и двете се смеевме бидејќи нашиот Тане е толку палав што може да се најде во секоја од напишаните ситуации. Потоа си реков, ова е стварно добро и забавно. Останатото го знаете.

6. Дали имаш посебен ритуал пред, при и после пишување?

Немам посебен ритуал при процесот на пишување. Едноставно, ми текнува и почнувам да пишувам. Некогаш знаам да пијам кафе пишувајќи, но верувам дека пишувањето може да помине без кафе. Само сакам да е тишина за да може да се сконцетрирам.

7. Кои ти се омилени игри од детството?

Ох, ги има многу бидејќи постојано бев надвор и секогаш нешто се играше на стариот полигон. Ајде, како омилена би ја издвоила играта со топка „Лепчиња“. Не сакав да бидам конзул, туку обично лепче.

8. Дали сеуште гледаш цртани филмови? Омилен?

Знам некогаш да си пуштам цртан од детството. За среќа, голем дел од нив се достапни на интернет, па можам да ги гледам кога сакам. Не можам да одвојам еден омилен, ама има два кои ми оставиле силен впечаток: „Лисицата и песот“ и „Малото пиле“. Во „Лисицата и песот“ до ден денес не можам да ѝ простам на бабата за тоа што го напушти Тод и го остави во шумата, иако тоа беше за негово добро. А за „Малото пиле“ уште не ми е јасно зошто никој не му веруваше дека небото паѓа.

9. Ако би можела да одбереш „супермоќ“ која би била?

Не сум размислувала многу на оваа тема. Ајде, ќе кажам, да можам да се телепортирам низ романите. Дури мислам дека би сакала да присустувам на една забава на „Големиот Гетсби“. Толку.

10. Како се прави балансот во една книга „Ем да е поучна, ем да не е досадна“?

Верувам дека децата сакаат забавни нешта. Дури мислам дека и сакаат опасни нешта, сакаат да истражуваат, да ги тестираат границите и на себеси и на околината. Преку игра и забава најмногу се учи, се развива говор и моторика, се социјализираат. Затоа „Мачорот Тане“ е една забавна авантура, во која мачорот и детето постојано прават нешто ново, истражуваат нови работи, се вовлекуваат во секакви бељи. Од голема беља може да се извлече голема поука.

11. Кој ти е омилен лик од книга за деца (Тане не е во конкуранција)?

Итар Пејо од Стале Попов бидејќи знае еден куп итроштини и досетки со кои ги залажува селаните.

12. Што пишуваш во моментов?

Ако речам дека нешто пишувам од тоа може нитшо да не испадне. Постојано пишувам поезија. Завршива втора збирка раскази за деца, која се надевам дека ќе излезе наредната година. Одвреме – навреме пишувам и други работи.

13. Порака до младите читатели!

Да читаат, да си создаваат ликови во главите, да си фантазираат, но најмногу да си играат и со играчки и со другарчињата околу себе. Би испратила порака до родителите, малку повеќе да им читаат на децата, а акцент да стават на книги од македонски автори.

Слични Објави