(видео) „Како дишам јас“ – вака се сака фолклорот
Понекогаш не е потребен спектакл за да сфатиш дека си присуствувал на нешто вредно. Потребни се само исклучителни млади музичари, посветени инструменталисти, прекрасни женски вокали и еден човек кој знае што сака да каже преку музиката.
Сергеј Настески е комплетен сценски пакет.
Неговиот основен инструментm кавалот, одамна престанал да биде само инструмент. Тој со него комуницира како со свое второ јас. А кога на тоа ќе се додадат тамбурата, зурлата и тапанот, станува јасно дека пред публиката не стои само музичар, туку млад уметтник, кој гради сопствен сценски јазик.
Сергеј е постојано присутен на сцената. Кокетира со публиката, комуницира со оркестарот, ги следи музичарите околу себе, но никогаш не ја губи природноста. Во секој тон од кавалот и во секоја насмевка упатена кон публиката се чувствуваше истото што го кажа уште на почетокот на концертот:
„Без музика, ме нема ни мене.“
И токму затоа насловот „Како дишам јас“ не беше само име на концертот. Тоа беше неговата најискрена автобиографија.
Концертот започна одлично. Почетната композиција, во која се испреплетоа кавалот, зурлата и тапаните, како да ја отвори вратата кон некое друго време. Но, без да звучи музејски. Напротив. Почетокот покажа дека македонската традиционална музика може да добие современа сценска визија без да изгуби ниту грам од својата автентичност.
Тоа можеби беше и најголемата вредност на целата вечер.
Улогата на членовите на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп, поради преместувањето на концертот од Камената бина во кино „Мис Стон“, не успеа целосно визуелно и звучно да дојде до израз. Просторот и брзата реадаптација, едноставно ги наметнаа своите ограничувања. Но нивната функција како сврзно ткиво меѓу музичките точки, а на моменти и како нивно драмско дополнување, беше јасно препознаена.
Преку нивната актерска задача, свесно или несвесно, преку иронијата со која ги изговараа патриотските реплики, успеаја да ја разбијат патетиката што предолго е составен дел од интерпретацијата на ваквите теми кај нас. Наместо празен патос, понудија човечност, наместо декларативен патриотизам, понудија чувство.
И токму тука концертот стана повеќе од концерт.
Стана пример како треба да се третира фолклорот.
Не како музејски експонат. Не како политички реквизит. Не како средство за дневна употреба.
Туку како жива уметност.
Со виртуозни изведби. Со современа сценска естетика. Со храброст да се експериментира. Со почит кон традицијата, но и без страв таа повторно да се прочита низ јазикот на денешното време.
На крајот останува само една порака.
До Сергеј Настески и до сите млади музичари што вечерва беа на сцената: Продолжете да го негувате, претставувате, преиспитувате, иронизирате и реактуелизирате македонскиот фолклор.
И никогаш не дозволувајте тој да биде ставен во служба на кое било друго знаме, освен на она што стоеше зад Сергеј на почетокот на концертот.
Зашто паметиме.
Паметиме времиња кога цели државни ансамбли беа претворани во продолжена рака на една политика, наместо да бидат чувари на културата на сите.
Фолклорот не припаѓа на ниту една власт.
Тој ѝ припаѓа на Македонија….. на секој жител.
Милан Секулоски – Уредник на otv.mk


