(видео) „Ловецот во ‘ржта“ – новата премиера на прилепскиот театар ќе проговори за бунтот на поединецот
Театарот „Војдан Чернодрински“ ја најави својата нова премиера – „Ловецот во ‘ржта“, работена по култниот роман на Џ. Д. Селинџер, во режија на Мартин Кочовски. По тој повод денеска во фоајето на Центарот за култура се одржа прес-конференција на која беше претставен авторскиот и актерскиот тим.
Директорката на Центарот за култура, Марија Попова Јованоска, истакна дека претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам и претставува трета премиера на институцијата годинава.
„Со оваа продукција го потврдуваме континуитетот во создавањето квалитетен театар. На публиката ѝ нудиме репертоар кој инспирира, поттикнува размислување и отвора важни општествени прашања“, рече Јованоска.
Раководителот на театарот, Михајло Миленкоски, нагласи дека режисерот Мартин Кочовски е автор со кого театарот ги има постигнато едни од своите најзначајни успеси, изразувајќи уверување дека и оваа претстава ќе биде уште едно силно сценско остварување.
Режисерот Мартин Кочовски посочи дека за него е чест повторно да работи со ансамблот на прилепскиот театар.
„Работам со, според мене, најдобрата и уникатна актерска екипа во Македонија, која има капацитет да реализира ваков комплексен проект. Претставата е грандиозна, а нејзината суштинска тема е конфликтот на индивидуата со општеството“, истакна Кочовски.
Драматургот Лидија Митоска Ѓорѓиевска рече дека претставата ја обработува темата на побуната против средината и општествените норми, мотив што и денес останува исклучително актуелен.
Младата актерка Теона Крстеска, студентка на Факултетот за драмски уметности, истакна дека учеството во претставата било голем предизвик.
„За мене ова беше голем залак, особено како студент, но верувам дека успешно ја совладав задачата. Огромна чест е да се биде дел од ваква екипа“, рече Крстеска.
Актерот Димитар Ѓорѓиевски оцени дека секоја нова улога носи свој предизвик, додавајќи дека работата со Мартин Кочовски е секогаш инспиративна, бидејќи станува збор за режисер кој постојано истражува и експериментира со театарскиот израз.
Премиерата на „Ловецот во ‘ржта“ е најавена како претстава што, преку современ сценски јазик, ќе ја отвори вечната дилема за местото на поединецот во општеството и неговата борба против наметнатите правила и очекувања.



