Заштита на децата кога се „жртви“ на меѓуврсничко насилство – еден случај
„Моите врсници ме осудуваат за мојата облека и за мојот стил. Исмевана сум поради видот на музика која ја слушам. Ме сметаат за чудна. Често после часовите, моите соученици ме навредуваат. Се чувствувам како да не припаѓам тука. Посакувам да учам во друго училиште.“- Ова беа зборовите со кои една од моите ученички ми се обрати по завршување на час. Со цел да го заштитам нејзиното име ќе ја наречам Ана. Ана беше ученик во 7-мо одделение, доста повлечено дете кое не сакаше премногу да разговара со своите соученици. Седеше на последна клупа и секогаш беше со наведната глава. Иако беше одлична и ги извршуваше своите училишни обврски одлично, често не сакаше да одговара и да учествува во работа со групи. Бидејќи цел како наставник ми е да го поттикнам секое дете да ја изразува својата индивидуалност, а воедно да стане доволно мотивирано да учи и да осознава, често во текот на часот или кон крајот на часот разговарав со своите ученици за тоа како се чувствуваат кога се на училиште. Дали се соочуваат со некои потешкотии? Дали чувствуваат дека поминуваат убаво и продуктивно време на училиште? Често имавме дискусија за тоа дека треба да имаме отворена комуникација и дека како наставник тука сум да ги поддржувам .
Еден ден по завршувањето на часот, Ана ми пристапи и колебливо ми рече дека сака да разговара. Ми раскажа што преживува и на што е изложена на училиште. Бев запрепастена. Тоа беше мое прво соочување со меѓуврсничкото насилство како наставник.
Ја ислушав внимателно и ѝ укажав дека агресијата и вербалното насилство кои ги претрпува не се нејзина вина. Ја советував да не враќа со агресивност на навредите. Укажав на тоа дека сум до неа и ќе и дадам поддршка да го решиме проблемот. Упатив дека со мене може да разговара отворено и секогаш би ја слушала. Почнав повеќе да се посветувам на проблемот со меѓуврсничкото насилство и да работам на разрешување на некои од проблемите со кои децата се соочуваат. Некои од нештата што ги правев се следниве:
1. Разговор со децата за тоа како нивното однесување има влијание врз другите и охрабрување да покажуваат љубезност.
2. Охрабрување на децата да ги земат во предвид приказни на кои често работевме за одередени ситуации на деца подложни на вербално насилство со цел да изградат емпатија.
3. Работа на само – контрола на нивните емоции , препознавање на емоциите и искажување на истите.
4. Подучување на стратегии за асертивност и како да реагираат на навредите упатени кон нив. Подучување за тоа како да поставуваат емоционални граници во комуникацијата со другите луѓе, односно како да покажуваат почит за себеси и за другите. Да кажуваат „не“ кога не сакаат да прават нешто. Да можат слободно да изразуват што мислат и што чувствуваат, не да бидат само пасивни и да молчат.
5. Role- playing или игра со улоги на одредена приказна со цел да се развива сочувството и разбирањето на туѓите емоции.
Важно е секој ученик да биде ислушан и поддржан. Различните методи и техники со цел да се развива емпатијата кај децата и да се трансформира агресивноста во почит помагаат во решавање на проблемите со меѓуврсничкото насилство. Наставникот е движечка сила во животот на детето. Наставникот го води детето кон негово осамостојување и поттикнува развој на неговата личност. Важно е да не бидеме пасивни и да молчиме кога нашите ученици се соочуваат со меѓуврсничкото насилство. Да ги поттикнеме децата да излезат од сенката на молкот и да бидат храбри, да говорат за булингот. Тоа е начинот да се развива свеста за булингот и да се направи обид да се спречува неговото уништувачко дејство. Да градиме мостови на емпатија и почит, не да ги правиме училиштата инкубатори на омраза. Да кажеме стоп на насилството, да бидеме поддршка за нашите деца!!!
Марија Кулеска- професор