Родови права во митски протези
Жените и мажите се рамноправни во сите аспекти на животот, барем така вели законот. Животот не вели така. Ова е машки свет, во кој жените треба да се снајдуваат низ патријархалните лавиринти, кои се така вешто поставеени, што „газењето на мина“ е гарантирано за секоја девојка и жена.
Жената е рамноправна дома, но ако се зафркаваме. Таа има долг список на обврски, а тој правдање колку му е тешко на работа. Колку му е пократок списокот на обврски – толку му е подолго правдањето.
Жената е многу ценета на работа, но само во петок – ако падне во сабота и тоа од пладне до дванаесет. Избројте колку има директори, а колку директорки во институциите. Бројте и во бизнисот и ќе видите уште полоша ситуација со газди и газдарици.
Политиката е полна жени, но до „предвидена квота“, и никако да добиеме премиерка или други високи функции, кои навистина носат моќ.
Законот вели сосема поинаку, па предвидел дури и „женски квоти“ и родово сензитивно буџетирање и механизми за еднаквост и специјални права на жената и заштита на мајката и… триста други тракатанци, на кои мажите, но за жал и многу жени, се потсмевааат и сѝ намигнуваат: вие пишувајте да ги веселите странците, ама никој нема да ги спроведе законите во живот. Па нели сме ние Македонците експерти во носење закони, кои не ги почитуваме. Што би било различно со „женските“ закони?
Така, борбата за рамноправност останува врвен приоритет на свесните, еманципираните и современите, иако „резултатите на фронтот“ стагнираат. Смешно, но колку повеќе има правна заштита, толку помалку има вистински права – освоени на терен.
Сто години требаше да им текне во тоа Обединетите (машки) нации дека заплашувањето на родова база, традициската машко – шовинистичка принуда, традициската родова стигматизација, јазот во платите на мажите и жените за исто работно место и помалите шански за кариерно напредување на жените е непобитен факт. Уште сто години ќе им треба на државите да сфатат дека „демнењето“, сајбер насилието од сите видови, сајбер сексуалната принуда и фаворизацијата на машкото дете носат болка, пасивност, нецелосна функционалност на девојките и жените, како и одвраќање од носење одлуки. Имено, женските деца од малост ги учат дека не треба да носат важни одлуки, оти „со долгата коса одела кратката памет“.
Машко шовинистичкиот свет не е туку – така дојден. Тој е создаден со сила и присила, машки лукавштини, етаблиран двоен морал, озаконета миноризација, обичајно правна уцена, гнасно искористување на фактот дека жената го донесува и носи животот на овој свет и посилно и поемотивно е поврзана со рожбата.
На етаблирање на овие факти како колективно слепило, односно за премин од матријархат (класичен матријархат не постоел, туку „авункулат“, каде вујкото го наследуваат внуците од сестрите) во патријархат, мажите работеле уште од праисторија. Тоа и ги натерало жените да бидат носители на патријархалниот морал, затоа што секогаш мислеле дека е тоа вистината. Религијата тоа уште повеќе го зајакнала, затоа што „жената од ребро настанала“, „жената го искушала мажот и го натерала на првиот грев со јаболкото“, жената можела да биде на страната на ѓаволот… Колку вештери, а колку вештерки се запалени во историјата? Еден еманципиран католик изјавил дека милион жени запалиле во Европа од пусти страв дека нема да им се дигне.
Но, да не го „тупам“ многу, како што мажите прават и тоа редовно и темелно, и сакам да завршам со еден мит, кој точно го покажува „машкиот механизам“ на делување. Во Вавилонија врховно божество е страшната Тијамат, божица на сè и сешто и истовремено „божица мајка“. Мардук сака да ѝ го преземе владеењето, па од грозјето го исцедил сокот и направил вино. Една ноќ, тој ја опил Тијамат, која се развеселила, играла, пеела и на крајот, му го предала владеењето на Мардука, кој станал бог на војната. Оваа тажна епизода, иако е мит, носи огромен број консеквенци против жената како владетелка и гравитационо јадро на моралноста. Прво, жената е неодговорна, несвесна, не ѝ е премногу до власт, а второ, нискоумна е, невнимателна, склона кон забава и пијанчење… Зар ова не се еминентно машки карактеристики? Од каде сега се прилепени за женскиот пол? Неморалноста не е далеку, ако вака го поставиш драмскиот патос.
Ете така на жената ѝ е земено нејзиното право на контрола врз породот. Може да го роди, да го одгледува и негува, да го расне, но законски и по име му, припаѓа на мажот. Каков трик! Истовремено и жената припаѓа на мажот, му станува сопственост, па тој секогаш може(л) жената и да ја казнува, да ја „става на место“, да ја обвинува за неморал.
Нема да најдете многу изрази за неморален маж, а за неморална жена на стотици и зборови и изрази. Италијаните на Сицилија имаат над 280 имиња за неморална жена, а ниту едно за неморален маж. Кај нас само малку заостануваме зад Италијаните (над 220 изрази). Има илјадници митови каде жената на владарот го советувала својот маж и господар лошо, гнасно, од завидливост, погрешно и штетно, а скоро ниту една каде владарот е лош, а жената сака да го изведе на прав пат. Има скоро неподелено мислење дека „жената мажот го курдисува“ кон лошо, неморално и незаконито, а скоро ниту едно мислење дека мажот е роден како искомплексиран и расипан тупак.
Голема е ова завера, која бара долготрајно и мачно градење свесност и тоа прво кај жените, а потоа кај децата. Мажите и онака нема да сфатат, затоа што се раѓаат како „оштетена роба“, кои само жените можат да ги направат мажи, штитејќи сѝ го домот и породот.
Полошо од машкиот шовинизам е само феминистичкиот пристап, кој е (пак) машка измислица, за да ги опоменат останатите и целото општество, колку забегани можат да бидат жените, ако добијат власт. Најголемиот број жени на високи функции на меѓународно ниво се токму така избрани, да служат како опомена за „женската забеганост и неодговорност“. Како да е Мардук уште жив и во полна сила.
Честит 8 – ми Март и размислете за ова.