Ваучери од 250 евра за сите студенти – аплицирањето ќе оди онлајн преку uslugi.gov.mk
Студентите да си направат навреме профил на порталот uslugi.gov.mk, аплицирањето за ваучерите за електронски уреди ќе биде онлајн …
Младите студенти до 29 години наскоро ќе добијат можност да аплицираат за вредносен ваучер од 250 евра за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Аплицирањето ќе се одвива преку националниот портал за електронски услуги uslugi.gov.mk, каде што сите заинтересирани треба навремено да креираат профил за да можат полесно да ја искористат мерката.
Стефан Андоновски, порача дека ова е чекор кон вистинска дигитализација, а нејзината цел е секој млад човек да добие пристап до дигитални алатки.
„Ги повикувам младите веднаш да се пријават и да си направат профил на порталот, аплицирањето ќе оди онлајн за кога ќе започне аплицирањето да можат брзо и од дома да го добијат ваучерот – без редици, без бирократија“, рече Андоновски
Со неодамна донесениот закон, секој студент на државен или приватен факултет кој е запишан на додипломски студии, ќе може од септември да го искористи ваучерот. Владата планира преку оваа мерка да распореди над 50 милиони евра, како дел од поширока стратегија за дигитална трансформација и поддршка на младите.
Мерката беше најавена пред десет месеци, а буџетски беше обезбедена во текот на оваа година. Покрај тоа, институциите активно отвораат простор за вклучување на млади кадри преку вработувања во здравство, безбедносни структури, одбрана и јавна администрација.
Поддршката за електронски уреди се смета за клучен чекор во намалување на дигиталниот јаз и овозможување подеднаква можност за образование и професионален развој за сите студенти.



