(видео)„Силјан Штркот“ повторно ја раскажува својата приказна – фестивал за деца, театар и книги
Секој фестивал започнува многу пред да се крене завесата. Започнува со идеја, желба и верба дека она што се создава има смисла. А кога фестивалот е наменет за деца, таа смисла станува уште поголема.
Со оваа порака, идејните творци и организаторки Марија Спиркоска Илијеска и Ангела Наумоска го најавија седмото издание на фестивалот на детски театар „Силјан Штркот“.
За нив, „Силјан Штркот“ не е само фестивал на театарски претстави за деца, туку празник на децата, театарот и градот.
„Секое дете заслужува да го има своето прво театарско доживување, својата омилена претстава, својот омилен лик и својата мала тајна која ќе ја понесе дома и по спуштањето на завесата“, велат организаторките.
Фестивалот годинава повторно ќе ја спои театарската програма со работилници и книжевни содржини. Посебно место ќе имаат книгите, со три промоции и средби со автори.
Ќе бидат промовирани сликовниците „До небото и назад“ и „Љубов во топка“ од Ана Јовковска, новинарка и авторка на осум книги. Преку креативна работилница, децата од предучилишна и раноучилишна возраст ќе се соочат со теми како емпатијата, пријателството, љубовта, врсничкото насилство, грижата за природата, тагата, прифаќањето и добрината.
На програмата се и книгите „Тамара“ и „Марко, кој штрки една жица од гитара“, дело на две прилепчанки кои денес живеат во различни делови на Европа. Авторката Јосипа Ризанковска Гарсија живее во Мурсија, а илустраторката Марија Конеска Мурджа во Рим.
Иако физички далеку од родниот Прилеп, преку своите приказни тие создаваат свет во кој далечината не е пречка за пријателството. Македонскиот јазик, културата, природните богатства и сеќавањата на родниот крај преку книгите патуваат со децата, каде и да живеат.
Во центарот на фестивалската приказна останува Силјан – лик преку кој, велат организаторките, децата треба да научат да ги прифаќаат различностите, да ги запознаваат оние кои се различни од нив, но и да прифатат дека луѓето и самите тие се менуваат.
Организаторките признаваат дека седмото издание го подготвуваат со ограничени средства и со низа организациски предизвици. Од обезбедување професионални уметници и работилници, до борбата за единствената достапна сцена во градот.
„Мора да има проблеми, мора да има и убави работи. На крај, најголемо е задоволството кога децата заминуваат задоволни“, велат тие.
Токму ограничениот простор е една од причините поради кои годинава програмата е распоредена на повеќе локации. Фестивалот се соочува со реалноста дека во Прилеп има една сцена на која во ист период треба да се одржат голем број настани.
Свеченото отворање ќе биде со „Пинокио“ на Народниот театар Битола. Претставата, со голема сценографија и екипа од околу 20 актери, ќе биде изведена во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“.
Останатите претстави ќе се одржуваат во кино-салата, каде, според организаторките, поинтимниот простор подобро одговара на дел од фестивалската програма. Работилниците ќе се одржуваат на други локации во градот.
Претставата на отворањето е со влезница, додека претставите во кино-салата и работилниците се бесплатни. Сепак, поради ограничениот капацитет, потребна е претходна резервација.
И книжевните промоции ќе бидат интерактивни, а не класични промоции. Децата ќе имаат можност да поставуваат прашања и да зборуваат за темите што ги обработуваат книгите.
Организаторките велат дека програмата е креирана според средствата со кои располагаат, но тоа, како што нагласуваат, не значи откажување од идејата.
Напротив – седум години подоцна, „Силјан Штркот“ продолжува да ја раскажува истата приказна.
Приказна за театарот, децата, различностите, пријателството и добрината.
А желбата е фестивалот во иднина да ги надмине границите на Македонија и во Прилеп да донесе театарски продукции од Србија, Албанија, Италија, Грција, Бугарија и други земји.
Контактите со странски театри веќе постојат. Она што недостига се поголеми финансиски средства и поддршка.
До тогаш, организаторките велат дека продолжуваат да се борат.
Храбро, од година во година, со надеж дека секое ново издание ќе биде чекор поблиску до нивниот сон – „Силјан Штркот“ да стане фестивал кој ќе го надмине Прилеп и ќе стане препознатлива детска театарска приказна и надвор од градот


