|

Време е државата да го заштити она што е само наше – Македонскиот рубин ќе добие статус на национално богатство

„Време е државата да го заштити она што е само наше“, истакна Божиновска, нагласувајќи ја важноста на овој процес за идните генерации.



По иницијатива на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денес официјално започна процес за заштита на македонскиот рубин – редок геолошки уникат кој се наоѓа единствено во Прилеп и Мариово и претставува единствен природен рубин во Европа што се вади и обработува локално.

На состанокот меѓу Министерството, Геолошкиот завод и Заводот за индустриска сопственост беа усвоени првични чекори за обезбедување официјален статус на македонскиот рубин како национално минерално наследство. Геолошкиот завод ја претстави изработената анализа за правна заштита, која ќе се надополни со нови податоци, а беше нагласена и потребата од поширока институционална координација.

На средбата присуствуваше и долгогодишниот промотор на македонскиот рубин, Деко, кој ја пренесе историјата и симболиката на овој камен.

„Македонскиот рубин, единствен по своето потекло и својства, заслужува институционална заштита и признавање како национално богатство. Ова е само почеток на поголем процес на заштита, вреднување и меѓународна промоција на македонското минерално богатство – како дел од националниот идентитет и нашата природна гордост,“ изјави министерката Божиновска.

Рубинот од Македонија е корунд со карактеристична малиново-розева боја предизвикана од присуство на хром во кристалната структура. Неговата реткост, естетска и културна вредност го прават симбол на природната убавина и националната гордост на земјата.

Слични Објави