ТРАГЕДИЈА ВО КОЧАНИ -Пожарот во дискотека во Кочани одзеде најмалку 50 животи (видео)
Ноќеска во дискотекa во Кочани се случила огромна трагедија во која животот го загубиле десетици лица. Избил пожар во дискотеката „Пулс“ за време на настап на групата ДНК. Присутни биле 1.500 гости, претежно млади лица.
Најмалку 50 е билансот на загинати во пожарот кој утрово избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани, потврдија од МВР за МИА. Пожарот избувнал околу 3 часот, неофицијално поради употреба на пиротехнички средства на концертот на кој присуствувале околу 1 500 луѓе, по што настанало стампедо за излез.
Претходните, првични неофицијални информации говореа за десетици починати и близу 100 повредени, пренесоа првo неколку медиуми повикувајќи се на лекарски и полициски извори. Како што извести околу 4:30 часот по полноќ локалното „Радио Кочани“, пожарот се случил утрово околу 3:00 часот по полноќ за време на концерт на групата ДНК во градот.
Во гаснењето учествувале возила на Територијалната противпожарна заштита, но ниту тие ниту медицинските тимови на терен не биле ниту одблизу доволни за да ги спасат сите настрадани. Помагале цивили и со цивилни возила.