Општина Битола дел од проектот за подобрување на комуналните претпријатија
Општина Битола е една од седумте општини што ќе добијат техничка и финансиска поддршка преку проектот „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Македонија“. Договорот за поддршка го потпишаа градоначалникот Тони Коњановски и директорот на ЈКП „Водовод“, Андреј Гинов.
Проектот е во соработка меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Швајцарија преку SECO, а целта е зголемување на отпорноста и ефикасноста на комуналните претпријатија во услови на климатски предизвици, енергетска криза и демографски промени.
Со оваа поддршка, ЈКП „Водовод“ Битола ќе ги подобрува своите работни и финансиски перформанси, ќе вложува во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, како и во модернизација на инфраструктурата.



