Александар Степанулески ја доби престижната награда „Ристо Шишков“ за 2026

Актерот Александар Степанулески е добитник на престижната награда „Ристо Шишков“ за 2026 година, признание кое се доделува за највисоко актерско остварување во рамки на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.
Степанулески наградата ја освои за улогата на Луков во претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, а во изведба на Прилепскиот народен театар.
Одлуката за наградата е донесена едногласно од жири-комисијата на 34. издание на фестивалот, во состав Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, претседателка, и Биљана Ѓуровиќ и Иван Додовски, членови.
Во образложението на жирито се наведува дека Степанулески со својата актерска интерпретација го гради Луков како лик на навидум неприкосновена моќ, која постепено се распаѓа, откривајќи ги неговиот страв, зависност и морална разграденост.
„Со силно сценско присуство, прецизни промени на актерските регистри и уверлива игра на авторитетот и неговото нарушување“, жирито ја оценува играта на Степанулески, кој преку ликот на Луков ја прикажува сложеноста на човекот што манипулира, заплашува и организира политичко убиство, но истовремено е заробеник на системот на кој му служи.
Наградата му беше врачена на завршната вечер на фестивалот, со што официјално заврши 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.
Признанието се состои од златен медалјон со ликот на Ристо Шишков и парична награда од 1.500 евра.
На завршната церемонија, директорот на фестивалот Ванчо Ристов Патриков упати благодарност до покровителите – Министерството за култура и туризам, Општина Струмица и градоначалникот, како и до медиумите и публиката, која во текот на шесте фестивалски денови ги исполнуваше салите.
Како знак на благодарност за нивниот придонес кон фестивалот, златни медалјони со ликот на Ристо Шишков им беа врачени и на селекторот и членовите на жири-комисијата, како и на Ѓорѓи Калајџиев, за неговата 34-годишна соработка и посветеност кон фестивалот.
Со доделувањето на наградата на Александар Степанулески заврши уште едно издание на фестивалот, кој повеќе од три децении го афирмира актерското мајсторство и го збогатува македонскиот и регионалниот театарски простор.
Фестивалот завршува, но театарот останува.


