Викенд со Блаже Конески – книга, игра, фотографија и дружење во Небрегово

Промоција на нова публикација и интерактивни работилници во родната куќа на Блаже Конески

Од 19 септември во 10.00 часот до 20 септември во 15.00 часот, родната куќа на Блаже Конески во Небрегово ќе биде место за дружење, учење, игра и запознавање со неговото творештво. Во родната куќа на Блаже Конески во село Небрегово, во организација на Завод и Музеј – Прилеп, претстои дводневен настан посветен на животот и творештвото на еден од најзначајните македонски автори и кодификатори на современиот македонски литературен јазик.

Во рамките на настанот, во сабота, 19 септември 2026 година, со почеток во 10 часот, ќе биде промовирана публикацијата „Дидактичка прошетка низ Небрегово со творештвото на Конески“.

Станува збор за несекојдневна публикација која ги обединува прозата, поезијата, фотографијата и различни дидактички активности. Посебно место во неа имаат фотографиите од пејзажите на Небрегово и Маркови Кули – Прилеп, наменски фотографирани од Александар Еленин, кој преку своето образование и професионален интерес е познавач на творештвото на Конески.

Од Завод и Музеј – Прилеп посочуваат дека целта била културното и историското наследство да се претстави како живо наследство, кое треба да се запознава, почитува и пренесува на идните генерации.

Наместо класичен музејски каталог, публикацијата е замислена како нов културно-туристички производ, кој ја поврзува музејската дејност со интерактивен и современ пристап кон посетителите. Преку содржините, посетителите имаат можност не само да дознаат повеќе за Конески и Небрегово, туку и активно да учествуваат во процесот на запознавање со неговото творештво.

По промоцијата, во 11 часот ќе се одржат интерактивни работилници, базирани токму на содржините од публикацијата.

Работилниците се осмислени во таканаречен „винтиџ стил“, потсетувајќи на некогашните споменари, тетратки и лични патеписи во кои се запишувале впечатоците од посетите на нови места. Во духот на времето кога фотографиите се правеле со аналогни фотоапарати, а потоа се печателе и лепеле во лични албуми, учесниците ќе имаат можност да сечат и лепат фотографии, да решаваат квизови и сложувалки, да бојат и да играат со картички.

На тој начин, творештвото на Конески и неговото родно Небрегово се доближуваат до посетителите преку игра, креативност и непосредно искуство.

Настанот е отворен за јавноста, а организаторите ги покануваат граѓаните на викенд исполнет со дружење, уживање и нови сознанија за Блаже Конески, Небрегово и културното наследство на прилепскиот крај.

За посетителите е обезбеден и организиран превоз до настанот, со поаѓање во сабота, 19 септември, во 10 часот, „пред Реклами“ Прилеп.

„За викенд во Небрегово кај Конески“ е можност родната куќа на Конески да се доживее не само како музејски простор, туку и како место за учење, творење, дружење и повторно откривање на неговото богато книжевно наследство.

Слични Објави