УКЛО ги претстави своите студиски програми на сите три циклуси
На Отворениот ден на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола единиците на УКЛО ги претставија своите образовни понуди, односно студиските програми на сите три циклуси на студирање, но и сите дополнителни содржини надвор од основната високообразовна понуда, коишто го комплетираат повеќегодишното студентско искуство и го прават подинамично, поразнолико и, секако, поквалитетно.
Централниот настан на којшто ширум се отворени вратите и на УКЛО и неговите единици, се одржа на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, со што продолжи традицијата востановена од минатата година, високообразовните институции да добијат можност својата понуда да ја презентираат и надвор од седиштето на Универзитетот, односно во другите градови во коишто УКЛО има свои конститутивни членки.
Единиците на свои штандови изложија брошури за студиските програми, разни пишани и електронски изданија – книги, учебници, монографии, научни списанија, студентски информатори и сл. и презентираа бројни национални и меѓународни награди на студентите и на тој начин, на заинтересираните посетители им се претставија поблиску.
Секоја единица имаше свои претставници, како од академскиот кадар, така и од студентите, кои непосредно одговараа на прашањата околу поединостите и специфичностите на студирањето на поодделните студиски програми.
Покрај штандовите на единиците на УКЛО, свое место најде и штандот на Центарот за кариера на Универзитетот КРЕДО / Студентскиот информативен центар, како обединувачка точка на т.н. „додадена вредност“ на Универзитетот, преку бројните можности што овој Центар им ги нуди и ги обезбедува за сите студенти на УКЛО.